Што е Светото Писмо?

Пишува: Протопрезвитер Ивица Тодоров

Наједноставно е да се каже дека СВЕТОТО ПИСМО е порака Божја преку која разбираме што е вистина, а што е лага! Што е добро, а и што е зло! Што е полезно и благословено за човекот како создание Божјо, но, и што не му е благословено и полезно на човекот во овој свет!

Може да се каже дека содржината на БИБЛИЈАТА е откровение за смислата на постоењето од највисокото ниво. Таа е сведоштво за настани што ја втемелија духовната историја на човештвото. Таа е советник за исполнет, благословен, свет и овечноснет живот, потврда за вредноста и значењето на родот човечки, како во овој свет, така и во вечноста!

„Ете, Јас денес ти предложив живот и добро, смрт и зло. Ако ги слушаш заповедите на Господ (Јахве – Јас Сум Оној Кој Сум Вечниот), твојот Бог, што денес ти ги давам – а тоа е да го љубиш Господ, твојот Бог, да одиш по сите патишта Негови и да ги извршуваш заповедите и законите Негови тогаш ќе ЖИВЕЕШ“ (Петта книга Мојсеева, 30, 15 – 16).

Се наметнува прашањето, ако Светото Писмо е толку значајна и вредна книга, кој е нејзиниот автор? Интересно е да се напомене дека Светото Писмо не е една книга, туку е зборник од повеќе свети книги, запишувани низ долг временски период – од 1480 година пред Христос до 98 година по Христос – и тоа од повеќе автори. Но, кога се читаат светите книги, како од Стариот, така и од Новиот Завет, се забележува дека сета содржина е вдахновена и водена од еден Извор. Тој, еден Извор, низ светите книги ни открива свој план кој се спроведува низ вековите. Односно, Тој има една и единствена цел и спасителна порака до целото човештво, а тоа е спасение и ослободување на човештвото од сатанското ропство, од злото, гревот, духовната и телесната смрт преку ОТКУПИТЕЛНАТА крсна жртва на Месијата (Христос), преку Неговото воскресение од мртвите, преку испраќањето на Светиот Дух и формирањето на Новозаветниот народ Божји – Црквата. Сето горенаведено го овозможува повикот до целото човештво за негово повторното воведување во полнотата на совршениот начин на постоење – во ЦАРСТВОТО БОЖЈО!

„Тој беше презрен и отфрлен меѓу луѓето, човек на болки и свикнат на страдања, и ние го одвраќавме од Него лицето свое; Тој беше презиран, и ние за ништо не Го сметавме. Но Тој ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости; а ние мислевме дека Тој беше поразуван, казнуван и понизуван од Бога. А Тој беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија; казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме“ (пророштво за Месијата од пророкот Исаија, 53, 1 – 12; ова пророштво е запишано 740 години пред доаѓањето на Спасителот).

„Никој не се искачил на небото, освен Оној Кој слезе од небото, Синот Човечки, Кој е на небото. И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки, та секој што верува во Него да не загине, но да има живот вечен. Зашто Бог (нашиот Небесен Отец) толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син (своето совечно Слово/ Логос/ Син Единороден), та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот. Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него. Кој верува во Него – нема да биде суден, а кој не верува, тој е веќе осуден, зашто не поверувал во името на Единородниот Син Божји. А овој суд е затоа што Светлината дојде на светот, но луѓето повеќе ја засакаа темнината отколку светлината, зашто нивните дела беа зли. Зашто секој, што прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат разоткриени неговите дела бидејќи се лукави. А оној што твори вистина, оди кон светлината за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бога извршени“  (зборови на Месијата запишани во Евангелието според апостол Јован, 3, 13 – 21).

Тој еден Извор, на се што е запишано од запишувачите на светите книги, во самите свети книги ни се разоткри како Единствен Творец на се што постои – во сите димензии на постоењето. Тој Творец, постепено низ историјата на отпаднатото од Него човештво, од Елохим (Бог) кој само беше насетуван преку неговите дејствија од еврејскиот, па и од другите народи, се откри како Јахве – како Вечно постоечко битие, за во Новиот Завет, Тој истиот да ни се разоткрие во полнота како наш Небесен Отец Кој има свое совечно Слово/Логос, односно, Единороден Син и совечен Дух Свети.

Неговиот Единороден Син, Неговото Слово/ Логос кој преку Светиот Дух и пречистата девојка Марија (Богородица) ја прими човечката природа – стана наш Месија, Спасител, Ослободител од состојбата на отпаднатост. Па затоа Месијата, за време на својата спасителна мисија во овој свет на насобраните околу него претставници на старозаветниот народ Божји – Евреите, им ја кажа оваа темелна вистина и смисла на сета содржина на светите книги:

„Ги истражувате Писмата, зашто вие мислите дека во нив имате живот вечен, а токму тие сведочат за Мене!“ (Јован. 5, 39)

Со овие зборови Тој ни потврди дека целото Свето Писмо, односно, сè што ни е откриено во него – ни сведочи дека овој свет и целото човештво – својата единствена смисла, вистина, цел и надеж на постоењето ја имаат во сето она што Месијата го направи и прави за нас, во сето она што Тој ни го вети, во сето она што Тој ни го покажа и докажа како вредност на постоењето.

По откупителната и сеослободувачка љубовна жртва на крстот и по своето воскресение од мртвите, Месијата на своите апостоли им го откри следното:

„Не требаше ли така да пострада Месијата и да влезе во својата слава? Па, како почна од Мојсеј и од сите пророци, им разјаснуваше што е кажано за Него во сите Писма (во сите свети книги)“ (Лука. 24, 27).

Па затоа, кога го читаме Светото Писмо, сè што е запишано во него има свое објаснување, своја цел и смисла во личноста на Исус Христос (Јешуа Месија). Без Месијата и без сето она што Тој го направи и прави за нас преку силата на Духот Свет во светата Црква – а во слава на Небесниот Отец – целата содржина на Библијата не би имала никаква смисла! Во таков случај Светото Писмо би било слично на разните религиозни и философски книги од овој свет, без ветување, без надеж, без вистински Божествен авторитет и без решение на најсуштинските проблеми со кои се соочува човештвото! Единствено Месијата може со сигурност да каже:

„ЈАС СУМ Патот, Вистината и Животот; никој не доаѓа кај Отецот, освен преку Мене. “ (Јован. 14, 6)

Единствено Тој може да вети:

„ЈАС СУМ воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее.“  (Јован. 11, 25)

Затоа Библијата е непобедливо и непоколебливо откровение на вечниот Творец и осмислувач на постоењето. Затоа таа треба да биде секојдневна духовна храна за оние што чекорат по патот на спасението, но и за оние што сакаат на вистински начин да ја спознаат смислата и вредноста на постоењето, како во овој свет – така и на вечен план! И затоа, апостолот Павле премудро ќе напише:

„Целото Писмо е од Бога вдахновено и тоа е полезно за поука, за изобличување, поправање и поучување во праведност, за Божјиот човек да биде усовршен и совршено подготвен за секое добро дело.“ (2. Тимотеј. 3, 16)