Во четвртокот, на 29 февруари 2024 година, во големата сала „Патријарх Теоктист“ при Палатата на Патријаршијата, под претседателство на Неговото Блаженство, Патријархот Даниел, беше одржана работната седница на Светиот синод на Романската Православна Црква.
Главните одлуки на Светиот синод се следниве:
- Прогласување на наредната 2025 година како година посветена на едновековието од основањето на Романската Патријаршија и, воедно, како комеморативна година посветена на романските православни духовници и исповедници од XX век;
- Основање на Романска Православна Епископија на Велика Британија, со седиште во Лондон, за повеќе од 1 милион романски православни верници од овој предел на Западна Европа;
- Основање на Романска Православна Епископија на Ирска и на Исланд, со седиште во Даблин;
- Одобрување на декемвриските и на јануарските томови на Синодалниот Синаксар на Романската православна црква;
- Одобрување на Акатистот кон светите лекари-бесребреници – Козма и Дамјан од Азија (1 ноември);
- Одобрување на Акатистот кон светиот преподобен Герасим Кефалониски (20 октомври);
- Одобрување на Канонот посветен на светите лекари-бесребреници – Кир и Јован (31 јануари, 28 јуни);
- Организирање – во периодот од 1 до 31 март – на хуманитарна акција (собирање доброволни прилози) во Романската Патријаршија за помош во изградбата на домови во Ерменија, наменети за ерменските бегалци од Нагорно-Карабах;
- Благословување, охрабрување и поддржување на иницијативите на романските православни заедници од Украина за возобнова на заедништвото со Мајката Црква – Романската Патријаршија, преку нивното правно организирање во верската структура наречена Романска Православна Црква од Украина;
- Реафирмирање на фактот дека сите романски православни клирици и нивната паства од Република Молдавија, коишто се враќаат во Митрополијата на Басарабија, се канонски клирици и благословени верници, па секоја дисциплинска санкција насочена против нив, поради нивната припадност во Романската православна црква, се смета за неважечка и ништовна, согласно со синодската одлука под бр. 8090 од 19 декември 1992 година;
- Вреднување на богатата социјално-филантропска дејност на Романската православна црква во текот на 2023 година, којашто даде видливи позитивни ефекти во романското општество.
Канцеларија на Светиот синод
Извор: https://basilica.ro/comunicat-noi-hotarari-ale-sfantului-sinod-al-bisericii-ortodoxe-romane-2024/