Српскиот Патријарх Порфириј укажа на експоненцијалниот раст на нетолерантност на украинските власти кон Украинската православна црква

Откако во украинскиот парламент, во прво читање, беше прифатен нацрт-законот бр. 8371, кој е насочен кон забрана на дејноста на Украинската православна црква, Патријархот Московски и на сета Рус Кирил им испрати писма на Претстоителите на помесните Православни цркви и на редица религиозни дејци, а, исто така, и на претставници на меѓународните организации.

Патријархот Кирил, од името на сета полнота на Руската православна црква, им се обрати на Претстоителите на помесните Православни цркви со молба да истапат со поддршка на Украинската православна црква и на сите нејзини верни чеда, кои трпат оскрбувања и страдања заради словото Божјо и заради сведоштвото на Исус Христос (Откр 1, 9).

Во одговорот на тоа писмо, Српскиот Патријарх Порфириј изрази мислење дека конкретниот нацрт-закон „ѝ служи на скриена цел: потполно да се попречи Украинската православна црква во нејзиното понатамошно извршување на многувековната спасителна мисија меѓу наследниците на древната Киевска Рус“.

Понатаму, Српскиот Патријарх вели:

„Искрено растревожени поради експоненцијалниот раст на нетолерантност на украинските власти во однос на единствената канонска Црква во Украина, особено сме вознемирени од нивната намера да му дадат легитимитет на тоа беззаконие, со носење на дискриминаторски закони. Затоа, секогаш и насекаде, според можностите што ги имаме, сведочиме за страдањата на Украинската православна црква, обраќајќи се со молби кон сите овластени претставници на меѓународната заедница за спречување на таа неправда. Највисоките архипастирски управни органи на нашата Света Црква не престануваат да го повикуваат нашиот верен народ да се моли за украинските православни браќа и, според можностите, да му укажува материјална и нематеријална помош на оној кој претрпел загуба во услови на борбени дејствија и како последица на прогонот од страна на безбожните власти. Се надеваме само на Господ и Нему Му се молиме, по молитвеното застапништво на Пресветата Владичица наша Богородица, да си спомне за страдалниот народ на Украина, и да му дарува брзо избавување од сите несреќи што го снајдоа“.

Патријархот Порфириј изрази уверување дека во Српската црква и натаму „усрдно ќе се молат за многустрадалната Украинска православна црква. Исто така, ќе продолжат да им даваат секаков друг вид поддршка на нејзините јерархија, свештенство и верници, што би им помогнало да им одолеат на сите искушенија, кои сега тие ги доживуваат.“

Извор: http://www.patriarchia.ru/db/text/6106716.html