На денот кога Православната црква го празнува споменот на Светиот апостол Тома, Неговото Преосвештенство епископот г. Дамаскин Дорниски, викар на Архиепископијата на Сучава и Радауци, од сестринската Романска православна црква служеше Божествена Литургија во Бигорската свештена обител, со благослов од надлежниот Митрополит дебарско-кичевски г. Тимотеј, заедно со епископот домаќин, Неговото Преосвештенство г. Партениј Антаниски.
Заедно со Преосвештените Епископи, свештенослужителите од Бигорската обител и придружбата на романскиот владика, на Светата Литугија сослужуваше и свештеникот Зоран Паниќ од Банатската епархија на Српската православна црква. Среде верниците, пак, во Претечевиот храм имаше и една група од десетина верници од Србија, коишто допатуваа за поклонение во манастирот заедно со нивниот јереј отец Зоран.
На крајот од Светата Литургија, во знак на благодарност за посетата и за сослужението, епископот Партениј му подари на гостинот владика архиерејска енколпија со ликот на Свети Јован Крстител од неговата чудотворна бигорска икона, изработен во чест на илјадагодишниот јубилеј од основањето на манастирот.