Српскиот Патријарх Порфириј во посета на Њујорк

Во петок, на 16 февруари 2024 година, Српскиот Патријарх Порфириј пристигна во Њујорк, во придружба на протојерејот-ставрофор др. Велибор Џомиќ (професор на Правниот факултет во Крагуевац), протоѓаконот др. Драган Радиќ (професор на Богословскиот факултет во Белград) и ипоѓаконот Дејан Накиќ. На аеродромот беше пречекан од старешината на Соборниот храм „Св. Сава“ на Менхетн, протојерејот-ставрофор др. Живојин Јаковљевиќ и од претседателот на Црковната управа, г. Вељко Добриловиќ. Деца, облечени во народна носија, со леб и сол го пречекаа Патријархот.

Следниот ден, Светејшиот Патријарх српски г. Порфириј, со свештената придружба и со членовите на црковно-училишната управа, го посети Соборниот храм „Св. Сава“ на Менхетн, кој, со парохискиот дом, беше оштетен во пожарот што се случи на Велигден, 2016 година. При оваа посета, Патријархот се запозна со текот на работите за обнова и реконструкција на храмот. Денес, во 9 часот (по локално време) во истиот храм, Патријархот Порфириј ќе отслужи Литургија, по што ќе претседава со седницата на њујоршката црковно-училишна општина.

Соборниот храм „Св. Сава“ на Менхетн, во непосредна близина на Емпајер стејт билдинг, е еден од најубавите њујоршки храмови. Со труд и залагање на светиот владика Николај (Велимировиќ) и на тогашниот Американско-канадски епископ Дионисиј, во 1943 година храмот е откупен од Епископалната црква. Од тоа време тој е духовно собиралиште и прибежиште за илјадници бегалци и емигранти, кои пристигнуваат во Њујорк по Втората светска војна.

Извор: https://spc.rs/patrijarh-porfirije-u-poseti-njujorskoj-crkveno-skolskoj-opstini/ , https://spc.rs/patrijarh-srpski-porfirije-stigao-u-njujork/