Условите на Цариградската Патријаршија се неприфатливи за Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија

Неговото Високопреосвештенство митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар гостуваше во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24. Одговарајќи на новинарските прашања, тој даде објаснувања за неколку актуелни прашања поврзани со Македонската Православна Црква – Охридска архиепископија, особено во однос на одлуката за оформување комисија за проучување на статусот на Православната Црква во Украина, која доби томос за автокефалност од Цариградската Патријаршија, а истата комисија ќе го проучи и проблемот со именувањето на нашата Света Црква со елинофонските Цркви.

Во однос на украинското црковно прашање Митрополитот Петар изјави дека треба да се проучи комплетно украинското црковно прашање, бидејќи е уверен дека дел од свештените лица, па дури и некои од архијереите на нашата црква не го познаваат целиот процес. „Таму претходно имаше три цркви, а сега има четири“, односно со доделувањето на томос од Цариградската Патријаршија „проблемот не само што не се реши, туку и дополнително се искомплицира“ – вели Неговото Високопреосвештенство.

Митрополитот Петар објави дека „При првото сослужување со Цариградскиот Патријарх г.г. Вартоломеј, на Духовден 2022 година, Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија побара на таа литургија да нема никакви претставници на Православната Црква во Украина, ни по хиротонија, ни по хиротесија, и до тогаш никогаш не се споменувало како услов признавањето на таа црква“.

Исто така, Митрополитот Петар нагласи дека треба да се заврши со ноторните лаги кои се промовираат во македонската јавност, дека добивањето на томос од страна на Цариградската Патријаршија е без условување. Постои официјален документ во кој се напишани условите, кои се три:

  1. Нашата црква да се именува исклучиво како Охридска црква
  2. Не смее да се користи име изведено од именката „Македонија“, ниту во комуникација со другите помесни цркви, кои нè признаваат како Македонска Православна Црква
  3. Делувањето на нашата црква да се ограничи само на територијата на Република Северна Македонија, што значи откажување од дијаспората.

Тој упати апел до Неговата Сесветост Патријархот Вартоломеј, комуникацијата со нашата црква да оди преку официјалниот канал за комуникација, односно преку соодветните комисии на двете цркви, а не преку Бигорскиот манастир и Епископот Партениј. „Мора да се испочитуваат правилата, комуникацијата да оди преку комисијата, а не преку епископот Партениј кој им ветува нешто што не може да помине“ – вели Митрополитот Петар.

„Доколку Цариградската Патријаршија сака да ни даде томос, а јас сакам што побргу да ни даде томос, меѓутоа тоа да биде без условувања, инаку за нас не би бил прифатлив таквиот томос“ – изрично изјавува Митрополитот Петар.

„Треба да посочиме дека тоа не може да се прифати од свештенството, епископите и верниците од нашата црква, за тоа сме се изјасниле сите, во полниот состав на синодот, вклучувајќи ги епископите од поранешната ПОА. Унисон, едномислен и едногласен е ставот, расправано на три седници дека не се откажуваме од името Македонска Православна Црква, единствено што дозволуваме е двојна формула.“

„Претходно беше кажано дека можеме да го користиме името Македонска Православна Црква интерно“, потсетува владиката.

Во однос на дијаспората Митрополитот Петар вели: „Дијаспората е наша, ние ја создадовме. Дијаспората е одлика на една автокефална православна црква. Кога е во прашање дијаспората, на нашата Македонска црква, веќе сме повеќе во дијаспората отколку во матичната држава. Од тие причини не смееме да се откажеме од дијаспората, затоа што како што одат работите, ¼ ќе сме во матичната земја а ¾ во дијаспората.“

Додаток: во продолжение пренесуваме снимка од целата емисија.