Ние сме Црква

Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Луѓето од секогаш живеат во заедница. Во заедница се раѓаат и во заедница се развиваат и создаваат други заедници. За нас заедницата е основниот принцип на живеењето. Зборот Црква означува заедница, води потекло од грчкиот збор „Екклесиа“ што значи Собир. Собирањето е основната карактеристика на верниците кои молејќи се на Господ Светата Троица, во заедничкото богослужење се сплотуваат помеѓу себе и ја креираат соборноста и заедницата. Сите заедно насочени кон Господа, во духот поврзани преку благодатта на Светиот Дух, телесно поврзани во својата заедничка природа и причестувајќи се со Исус Христос го сочинуваат Телото Христово.

Црквата Божја живее постојано светотаински живот. Сè што се случува во Црквата е осветено, обожено, мистично, духовно, но и телесно оживотворено преку Светиот Дух. Верниците, православните христијани го предаваат својот живот свесно и слободно на волјата Господова како би ја изградиле мистичната заедница во соборот помеѓу себе и заедно учествувајќи со сите светители, со ангелите и со Самиот Господ. Црквата живее насочувајќи се со својата слободна волја по вертикалата на крстот поврзана со небесниот и вечниот Бог, а поврзана помеѓу себе на земјата во хоризонталата на попречната линија на крстот. Ако говориме дека Црквата ја сочинуваат сите православни верници во светот, кои се искрени членови на заедницата со својата слободна волја и мистично го сочинуваат Телото Божјо, секако дека главата на тоа тело е Самиот Господ Исус Христос. Црквата е света заедница затоа што е свет нашиот Бог. Црквата не е светска институција која е дел од државното уредување во општествата, туку она е света заедница на поврзаните верници во љубовта, слободно со својата волја и во верата, а мистично осветени преку Господ Исус Христос.

Како што веќе напоменавме, Црквата живее светотаински живот, што ќе рече дека целиот организам на Црквата се осветува преку Светиот Дух, со примањето на Светото Тело и Светата Крв Христови. Човекот е створен од несовршената природа, од ништо, од небитие, за да биде неговата природа осветена, обожена и воздигната во небесните рамки на совршеноста, во вечноста заедно со Сесветата Троица. Идејата за создавањето на природата и човекот е подготовка за воплотувањето на Синот Божји, за Неговото очовечување. Господ Исус Христос, второто лице на Светата Троица, Логосот Божји, е прототипот на секој човек кој треба да ја претставува иконата на Синот Божји во себе, изразувајќи ја така идејата Божја поради која се створени луѓето. Луѓето се створени по Божјата волја, по вечната Божја идеја, да бидат сите сплотени помеѓу себе во духот Божји и телесно осветени преку причестувањето со Исуса Христа. Сите луѓе се повикани во вечниот Рај, во прегратката Божја, во заедницата со Бога. Таа заедница ќе биде остварена во вечната совршена, апсолутна и неминлива љубов, а делувањето на Бог во светот е преку љубовта. Денеска и од секогаш е најпотребна љубовта во светот, затоа што без совршената љубов помеѓу луѓето, нема ни соживот. Бог постанува човек, за човекот да постане Бог. Богочовекот Исус Христос ја воздигнува несовршената природа, паднатата природа, природата која е извалкана со првородниот грев, по свесната слободна грешка која ја направи Адам. Подоцна Новиот Адам, Исус Христос ја осветува створената природа преку слободната негова човечка волја и ја користи на прав начин за да ја принесе во наднебесниот жртвеник, да ја насели во вечноста по првобитната нејзина намена и предназначување уште во самата вечна Божја Идеја за создавањето на целиот свет.

Напоменуваме дека луѓето се створени за да живеат во Црквата Божја светотаински и боговдахнато. Сите луѓе створени од истата несовршена природа како и целиот видлив свет, да живеат светотаински во Црквата, да ја формираат заедницата на Телото Божјо, на Синот Божји, на Логосот Божји, на Исус Христос, а пак самиот Син Божји да ја возглави заедницата и самото Негово Тело и да ја обожи и освети целокупната природа. На Господа не му треба усовршување, затоа што Бог е апсолутно совршен, туку на створената природа ѝ треба усовршување, да биде присвоена од Створителот како би ја населил во вечноста. Црквата ја има својата светотаинска намена за да ја освети природата и да ја принесе на вечниот, на наднебесниот олтар Божји. Бог ја прима природата во себе, станува Богочовек, а човекот ја прима по својата слободна волја преобразената и обожената створена природа и се усовршува, осветува, обожува и станува богодоличен и богообразуван по волјата Божја и љубовта Божја. Колку е совршена Божјата љубов та му подарува на созданието да сопостои со Него на тој начин што му ја подарува вечноста пребивајќи со Него во својата прегратка.

Црквата ја претставува иконата на Царството Божјо. Сите луѓе собрани во соборот на верата, молитвено насочени кон Господа, причестувајќи се со Него ја остваруваат вечната идеја Божја да бидат Црква. Но да се биде член на Црквата, мора да се пристапи слободно и да се прифатат нормите и начелата кои се пропишани од светите отци, а боговдахновени од Светиот Дух. Крштението е првата Света Тајна преку која стануваме членови во единството со Господ. Во оваа Света Тајна ние ги прифаќаме слободно нормите и вредностите на нашата вера. Се откажуваме на почетокот на светиот чин од лагата, од злобата, поточно од лукавиот дух кој ја искривува вистината, за да можеме да го прифатиме и исповедаме слободно Нашиот Господ. Преку светото крштение и миропомазанието ние се осветуваме, го добиваме и печатот на Светиот Дух како дар од Бога, а за наша заштита. Во првите векови оваа света Тајна се остварувала единствено во склоп на светата Литургија, што значело дека со крштението човекот станува член на Светата Црква и веќе може да пристапи во заедницата со Господа преку причестувањето со Него. Сè што се случува во Црквата е поврзано и втемелено во служењето на Светата Литургија, како што веќе рековме дека на Литургијата ние ја изобразуваме иконата на идното Царство Божјо, заедно сите поврзани меѓусебно во нашата створена природа, поврзани во Духот Божји, а воздигнати и усовршени во Телото Божјо преку примањето на светите Тајни Божји, преку Телото и Крвта Христови. Царството Божјо е историски настан, кој започнува со раѓањето на Исус Христос Синот Божји во светот, а секако започнува и во нас, во нашите души, како што говори Светиот Јован Крстител на самиот почеток на неговата проповед, дека еве тука сега почнува да се остварува тоа царство во нашите души. Господ Исус Христос нè подучува како да се молиме, во Неговата молитва Оче наш кажува дека исчекува да се оствари Очевото Божјо Царство и на земјата како што е на небото потполно преку благодатта на Светиот Дух во Светата Црква.

Светите тајни во нашата света заедница: Крштение, Миропомазание, Исповед, Евхаристија, Брак, Свештенство и Маслосвет се остваруваат преку Светиот Дух во Светата Црква, а сите свети тајни се втемелени во Светата Литургија, во заедницата, во соборот. Ние сме Црква сите заедно во радоста и љубовта Божја, сплотени помеѓу себе во Телото Христово, живеејќи денеска во историјата, градејќи ја иконата на идното Царство Божјо, исчекувајќи ја вистинската и реалната иднина во прегратката Божја во вечноста. Амин.


Лекции по веронаука