Света Гора против законот за брак на истополови парови во Грција

Светата киновија на Света Гора објави соопштение во врска со намерата на Владата на Р. Грција да донесе законски решенија во корист на бракот на истополовите двојки.

Светата киновија во своето соопштение изразува силна загриженост и засегнатост не само за бракот на истополовите парови туку и за можноста за посвојување деца.

На крајот, Светогорците упатуваат топол апел до грчката влада да не продолжува со, како што ја нарекуваат, „антиевангелската легислатива“, нагласувајќи дека такво нешто ги наоѓа целосно против.

Го пренесуваме целото соопштение на Светата киновија:

Света Киновија на Светата гора – Атос
протокол. бр. Ф27/2/2711

Кареа, 5 / 18 Декември 2023

По повод неодамнешните изјави во врска со намерата на грчката Влада да го озакони бракот на „истополовите парови“, како и посвојувањето деца од нивна страна, нашата Света заедница изразува силна загриженост и засегнатост на сите светогорски Отци.

Света Гора, како место за молитва и подвиг, смирено се моли за сите луѓе, како образ Божји.

И покрај тоа, ја изразуваме нашата загриженост и длабоко жалење за планираните законски одредби.

Должни сме, преку ова соопштение, јасно да кажеме дека секој облик на брак или раѓање деца, што е спротивен на евангелското учење, но и на вековната традиција на нашиот благочестив народ и род, како што е светата институција на семејството, нè наоѓа апсолутно спротивставени.

Упатуваме топол повик кон грчката влада да не продолжи со најавената антиевангелска легислатива, молејќи се Заштитничката на нашата земја и Чуварот на Света Гора, Пресветата Богородица да се застапува кај нашиот Господ Исус Христос да ги води сите во покајание и живот според светлината на Евангелието и Неговото учење.

Од претставниците и претстојателите на заедницата на сите дваесет свети манастири на Света Гора Атонска.

Извор: https://www.romfea.gr/agioritika-nea/60602-agion-oros-se-kyvernisi-oxi-se-nomosxedio-gia-gamo-omofylon-zevgarion