Проф. д-р Милан Ѓорѓевиќ
Внимателно ја прочитав последната Декларација на Римокатоличката црква, со која се дозволува „благословување“ на истополови заедници. Со оглед на надворешниот и внатрешниот притисок под кој беше подложена изминативе години, одлуката беше очекувана. Она што ме интересираше беше аргументацијата што ќе ја понудат. Главниот аргумент наведен во соопштението се темели врз одвојувањето на благословите од сакраментите, т.е. таинствата. На тој начин, Декларацијата се обидува да ја „заштити“ институцијата брак, т.е. ја отфрла можноста за буквално венчавање на истополови парови. Иако е замислена како компромис, таа предизвикува негодувања на двете страни. Едни се незадоволни што нивата црква му подлегнала на притисокот и воопшто прифатила да благослови ваков вид заедници, додека други се незадоволни што бракот во строга смисла на зборот е изземен како опција. Сепак, на „либералната“ страна преовладуваат коментари дека ова претставува „кршење на мразот“ за римокатолиците и „многу важен прв чекор“ кон постигнување на крајната цел, т.е. еднаквиот третман на „стандардните“ и „нестандардните“ брачни заедници.
Втора важна тема е промената на гледиштето на Конгрегацијата за учењето на верата од 2021, според кое „Бог не го благословува и не може да го благослови гревот“. Во духот на наведеното одвојување на благословите од сакраментите, Декларацијата настојува дека постојат два вида благослови. Едни се директно поврзани со сакраменталната практика, произлегуваат и приведуват кон неа, додека други се независни од неа. Вториот тип „благословување“ е нешто универзално, што им се дава на сите, независно од тоа дали се грешници или не се и независно од тоа дали учествуваат во сакраменталните практики или не. На овој начин, документот тврди дека „го проширува и збогатува значењето на благословите“ (II, 7) и дека „нема намера да легитимира ништо“ (III, 40). Сепак, во него стои јасна препорака свештеникот да му прочита на парот молитва за „мир, здравје, трпение, дијалог и меѓусебна помош“ (III, 38), што имплицитно претставува благослов не само на конкретните личности, туку и на заедницата како таква.
Од православна гледна точка, ваквата аргументација не може да најде примена. Појдовната претпоставка на целата аргументација за одделувањето на „благословот“ (т.е. „осветувањето“) од сакраментите (т.е. светите тајни) е невозможна во православен контекст. Според православното разбирање, светите тајни се незаобиколни, секое дејствие на Црквата им е усогласено и не може да се одвои од нив. Декларацијата, пак, се обидува да го одбрани одделувањето што го воведува, тврдејќи дека без него би биле потребни „истите морални услови за обичен благослов што се потребни при примањето на светите тајни“ (II, 12). Во православен контекст, ваквиот аргумент нема никаква смисла, затоа што никој не ја бара истата подготовка за пристапување кон Света причест и за осветување на празничен леб. Колку што ми е познато, ниту во Римокатоличката црковна практика не постои такво правило. Проблемот тука се состои во тоа што не станува збор за „обичен благослов“, туку за благословување на конкретен вид заедница, чиј карактер е во судир со основите на христијанското аскетско и етичко учење. Сѐ на сѐ, аргументацијата е необично слаба и неиздржана, а самата Декларација наликува на очаен обид ем да се задоволат секуларизирачките тенденции, ем некако да се сочува образот. Немам никакви надежи дека тоа би можело да им успее, ниту на кус, а уште помалку на подолг рок.
Извор: https://digitalareopagus.wordpress.com/2023/12/19/за-промената-на-односот-кон-истополов/