Книжевен разговор и промоција на книгата „Небото ми е дома“ на академик Катица Ќулавкова

Пишува: Катерина Дафчева

В среда, 5 јуни 2024 година со почеток во 18 часот во Хотел „Сириус“ во Струмица ќе се одржи книжевен разговор и промоција на книгата „Небото ми е дома“ на академик проф. Катица Ќулавкова во организација на Фондација Елеуса. Промотори на книгата ќе бидат д-р Игор Радев, д-р Ана Витанова Рингачева и м-р Сузана Мицева, поезијата ќе ја интерпретира Катерина Панов Кожаров,  настанот музички ќе го збогатат ВИС „Стихири“.

Станува збор за збирка од четири циклуси, како што вели самата Ќулавкова, набожна поезија.

– Поезијата не може да биде „побожна“, но може да има „набожна“ димензија. Во набожната поезија универзалните мотиви се посматраат на непретенциозен и рафиниран личен начин. Таквата поезија искажува верски чувства не само експлицитно, со зборови, туку и преку интонацијата, ритамот. Таквата поезија користи митски слики, алузии, метафори, алегории, реминисценции, симболи. Таквата поезија не глуми, туку востановува извесни состојби на богољубие, ја дивинизира природата и го користи „сакралниот интертекст“ за поетски цели (одломки од светите писма), пишува во својот предговор самата авторка.

Академик Ќулавкова вели дека книгата почнала спонтано, но последните неколку години на неа работела концептуално и со јасна свест. Професорката суптилно нагласува дека можеби мотивот во такватаконцептуалност лежи во она што е спротивно на верата, која како што појаснува проф. д-р Ќулавкова,  не е неверата, туку изневерата и тоа на идеалите и неотуѓивите добра на индивидуата.

– Поетската книга го доловува просторот и времето на верата сфатена како архетип, како праобразец на човечката свест да се биде, а не да се владее.Не е ни малку случајно што опозит на верата не толку неверата, колку што е изневерата. Токму изневерата (на верата) е клучен за разбирање на личните и колективните трауми кои се последица на (суштинска) изневера, поради предавство на идеалите и на неотуѓивите добра на индивидуата и на заедницата со којашто таа се идентификува, вели професорката.

Спиритуалната или духовна поезија може да ја прочитаме и во перата на Емили Дикинсон, Вилијам Блејк, Џералд .M. Хопкинс, Рабиндрант Тагоре, Мевлана Руми, Ли По… Православната традиција има создадено своја посебна словенска и византиска поетика. Меѓу најистакнатите имиња на оваа духовна поезија спаѓа и поетското дело на нашиот Свети Климент Охридски.

– Од блесокот до проблесокот има само еден чекор. Еден искон за сите. Песната има свој ум, своја душа – нерамнодушна, восхитена, страсна. Една страст, да се биде, да биде. Еден живот, многу приказни. Многу приказни, една суштина на верата. Верувањето дека бескрајот има свое средиште, вечна спирала, вели во предговорот академик Ќулавкова.


Катица Ќулавкова (1951) е македонски писател и универзитетски професор по теорија и херменевтика на книжевноста (во пензија). 

Таа е редовен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) од 2003 година, член на Европската академија на науките и уметностите (Салцбург) и потпретседател на Меѓународниот ПЕН (Лондон). Почесен член е на Францускиот и на Турскиот ПЕН центар. 

Има објавено околу сто книги, било како автор (поезија, кратки раскази, есеи, критики и научни студии), или како приредувач, главен редактор или коавтор, во оригинал на македонски јазик или во превод. 

Нејзини книги поезија се објавени во превод на англиски, француски, италијански, португалски, руски, турски, романски, хрватски, српски, словенечки и други јазици. Објавена е студијата Поетика на лириката на српски, Балкански наративни на бугарски јазик, а на англиски  Conversion and Memory: A Dialogic Narrative Contextualisation of Liminal Identity (essay).

Добитник е на сите позначајни македонски книжевни награди, како и на државните награди за животно дело „11 Октомври“ и за наука „Гоце Делчев“. Добитник е и на награди на Друштвото на писателите на Романија и на Албанскиот ПЕН Центар. 2021 година Француската Влада ѝ го додели високото признание „Офицер во областа на уметноста и книжевноста“.  

Нејзината поезија е богата со митски и книжевни референци, како и со слики на женственост, еротизам и страст; со нејзиниот специфичен глас – збиен, ритмичен, чудотворен – таа доловува мигови на копнеж, загуба, задоволство и очај, дозволувајќи им ја нивната повеќезначност, непоколеблива пред лицето на ранливоста.