Книжевни разговори со писателот Венко Андоновски

Пишува: Катерина Дафчева

Струмичани и струмичката публика имаа можност да уживаат во книжевната вечер со писателот, универзитетскиот професор Венко Андоновски. Низ модерацијата на неговата поранешна студентка, денес професорка по македонски јазик и литература Билјана Костадиновска, проф. Андоновски прошета меѓу редовите на неговите книги „Папокот на светлината“, „Папокот на светот“, „Вештица“…, откривајќи го творечкиот сензибилитет со кој, како што вели, не ги пишува, туку само ги запишува своите романи.

Видливата љубопитност на публиката кореспондираше со темите кои беа отворени, за доброто и злото, љубовта и Бог, егзистенцијализмот наспроти симболизмот во творештвото на Андоновски со  главен императив, дека неговите романи се еден голем прашалник, што остава простор за сомнеж, кој пак, како што рече, е предуслов за копнеж, а со тоа и вера.

На светот му недостасуваат повеќе бели монаси, повеќе добри луѓе, кои се обидуваат да ја потиснат својата суетност и и острастеност и да се свртат кон другиот, кон ближниот и да ја исповедаат вистинската Светлина која носи љубов, добрина, сострадание, долготрпеливост, која не завидува и не се гневи.

Како публика веруваме дека читањето на книгите е разголување на душата на авторот. Но вчерашната  интимна творечка исповед и ѕирнувањето низ внатрешниот светоглед и креативен порив нѐ прави почестени гости во најчувствителниот дел од уметничката креација, кадешто тивко, со кроток чекор, речиси нечујно треба да минеме, за да не би го нарушиле молчењето на Космосот каде што пребиваме.

Андоновски за романот „Папокот на светлината“, ја доби Меѓународната Толстоева книжевна награда „Јасна Полјана“, за најдобар странски роман преведен на руски. Наградата  е основана во 2015 година, а ја доделуваат Музејот „Јасна Полјана“ и „Самсунг Електроникс“.

Со оваа награда, името на Андоновски се придружува кон листата на досегашните добитници: Џулијан Барнз (Велика Британија), Ју Хуа (Кина), Рут Озеки (Kанада-САД), Орхан Памук (Турција), Марио Варгас Љоса (Перу), Патриша Данкер (Велика Британија), Хернан Ривера Летелиер (Чиле) и Амос Оз (Израел).