Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Функциите во државата се во корист на народот. Државата е создадена од народот, последователно и функциите кои постојат во државата се создадени од народот, а тоа значи дека се во службата на народот. Имаме разни служби во државата, но и во Црквата, и сите тие се во службата за народот, во остварувањето и изградувањето на заедниците и општеството. Секоја служба треба да го крои општеството со својата определена намена и да работи и создава подобра сегашност, со цврсти ставови на совесното учествување во изградувањето на соживотот помеѓу луѓето, за да биде иднината уште подобра. Секој поединец, треба да постапува по својата совест која е неговиот сопатник во неговиот личен живот како во службата, во јавниот живот, но и во својот приватен живот. Секој верник, треба да го живее својот живот постојано согледувајќи го своето делување на темелите на нашата православна вера. Ние не смееме да го игнорираме верското учење и нашата заедница со Бог кога работиме во јавниот и општиот живот, во овој контекст во јавните служби или во нашите професии. Ако сме верници, ако сме во заедницата на љубовта со Бог, тогаш постојано низ призмата на верата ќе пристапуваме во животот, без разлика каде и да сме, без разлика што и да работиме.
Секако, Богочовекот Исус Христос ни укажува во Светото Евангелие како да постапуваме во нашиот живот, та преку разни примери Господ Исус Христос ни укажувал како да биде насочено нашето делување. Имено, поткрепувајќи ја поуката за потребата од нашата трезвена и чиста совест, да прераскажам еден дел од Евангелието, каде што Господ ни говори за помирувањето со самиот себе, со својата совест. Имено, би требало да потенцираме, дека кога сакаме да Му служиме на Бога, да Му принесеме некаков дар, да здобиеме милост и заштита, тогаш треба најнапред да се помириме со нашиот непријател, со нашиот брат, па после тоа да дојдеме пред лицето Божјо, пред лицето на праведниот Судија. Но, во толкувањето на овој дел од Евангелието, поимите брат и непријател ги разбираме на два начини, првиот начин е буквалниот начин дека се однесува тоа на нашиот брат или пак било кој друг човек кој ни причинил некаков проблем, а другиот начин на толкување е алегорискиот начин кој се однесува на нашата совест. Нашата совест е нашиот прв непријател. Со ова толкување, треба да сфатиме дека е првенствено важно човекот да има мир во својата душа. Доколку човекот има грев во својата душа, тогаш ќе биде вознемирен во себе, ќе има поделба во неговите ставови, борејќи се помеѓу доброто и злото. Од создавањето на телото во утробата на нашата мајка, духовно Господ ги втемелува десетте Божји заповеди во душата на човекот како еден духовен, иманентен закон, или пак на друг начин речено, одговорноста на нашата личност и совест пред Бога. Таа одговорност се темели во оние зборови кој што ни ги упатува Господ Творецот на сите нас, но преку Адама, имено, Господ откако му подарува живот на Адама, му дава и заповед да биде добар господар на создадената земја. По личната совест на човекот, а преку нашата волја, ние треба да живееме свесно и трезвено, дека секој човек е дел од целокупната природа и дел од истата материја со сите луѓе. По дарот Божји на љубовта кој е во нас, по нашата искрена вера која ќе ја пројавуваме пред Господа, имајќи сочувство кон луѓето, нашата служба во општеството ќе биде втемелена на вистинските постулати на општествениот соживот.
Теолошкиот пристап на согледувањето во нашиот секојдневен живот треба да е секогаш и постојано присутен. Доколку не ги согледуваме ситуациите во кои се наоѓаме преку теолошкото перцепирање, толкувајќи ги со верата, тогаш ќе го искривиме целокупниот поглед на животот. Доколку Го немаме Бога во нашите души, тогаш емпатијата ќе исчезне. Потребно е постојано трезвеноумие за да можеме добро и корисно да ја исполнуваме нашата задача која ни е доверена. Доколку нашата функција, нашата служба ја согледуваме низ призмата на личниот интерес, тогаш и нашето делување ќе биде деструктивно во Црквата и во општеството. Доколку пак имаме скриени комплекси, тогаш нашето делување во одредени ситуации ќе биде ужасно, страшно, деструктивно и шизофрено. Не смееме да си дозволиме да ги лечиме нашите комплекси преку евентуалната слобода која ни се дава во службата. Одговорноста е пресудна! Но најважната добродетел преку која ќе се спасиме е расудувањето. Расудувањето како и сите други добродетели се дарови Божји. Нашата молитва пред Господа треба да биде насочена за да ни подари Господ расудување, кое пак подразбира мудрост, но не светска, туку духовна, облагодатена свест која се стекнува преку посетата на Светиот Дух во нашата душа и мисла.
Одговарајќи на прашањето, секогаш имам во предвид да ја толкувам суштината на проблемот, преку основните темели на Светото Евангелие и преку пораките кој ни ги упатува Господ секојдневно преку благодатта на Светиот Дух во нашите души. Конкретно пак, секоја функција која има своја одговорна служба, ја штити државата, нашето општество, сите наши институции, нашата Света Црква… Со дарот на расудувањето, со чиста совест на поединецот, со трезвеноумие, со длабоката лична вера во Господа, функциите ќе бидат на корист за сите луѓе и на спасение пред Господа.