Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски
Смирението е многу важна добродетел. Поимот смирение треба да го анализираме согледувајќи ги неговите карактеристики, да видиме што подразбираме под овој поим. Често луѓето го промашуваат контекстот на оваа исклучително важна добродетел. Под смирението во Светата Црква не подразбираме некакво телесно забавување на нашето движење, или на нашето гестикулирање, или пак бавно говорење и шепотење. Замислете доколку требаме да побрзаме да го спасиме нашиот ближен, затоа што во одреден момент човекот е во фатална опасност, та ние поради нашето заветувано смирение (бавност) не смееме да потрчаме за да го спасиме. Или треба да му кажеме брзо нешто на нашиот ближен затоа што е тоа исклучително важно, а тогаш ние шепотиме и нејасно говориме. Или замислите, свештеникот кој ја служи благодарствената Света Литургија која е јавна служба за сите благочестиви православни христијани, во огромен Божји храм, да шепоти, неразговетно и тивко да ги произнесува ектениите? И многу други примери можеме да предложиме, како несоодветни постапки во согледувањето на поимот за вистинското смирение. Смирението за кое што говориме, не се однесува исклучиво на движењата на нашето тело. Тоа никако не значи дека требаме да станеме некакви роботи кои ќе ја прикажуваат својата вера само во надворешниот пример. Но, под смирението првенствено го подразбираме смиреноумието, духовниот контекст на нашето изразување.
Гордоста е мајката на сите зла. Поради гордоста и ангелите паднаа од светоста и беа истерани од Рајот. Смирението е добрата спротивност од гордоста. Со здобивање на смирението ние ќе се пазиме од гордоста која може да нè уништи. Со смирението ние ја поимаме нашата вера, ја поимаме суштината на нашето создавање, го поимаме животот околу нас. Со смиреноумието ние веруваме и потврдуваме дека Господ е нашиот Творец. Со смиреноумието ние верувајќи во Господа, го возљубуваме Него и ги љубиме и сите други луѓе. Со смиреноумието ние ја почитуваме целата творба Божја и ја принесуваме свесно, трезвеноумно и слободно со својата волја кон Господа во вечноста. Господ нè подучува, во својата беседа во Светото Евангелие, и ни вели: „Блажени се сиромашните (бедните) по дух, зашто нивно е царството небесно!“ Ова блаженство се однесува на смиреноумието. Доколку не сфатиме дека нашиот живот е дар Божји, ние ќе бидеме горди луѓе. Нашиот живот е исклучиво дар Божји. Преку ова блаженство Господ Исус Христос ни укажува дека е потребно да се смириме пред Господа, да го предадеме својот живот со доверба во Него, да ја очекуваме заштитата Божја секојдневно и да бидеме со огнена вера, поклонувајќи Му се на Творецот со стравопочит. Но, не со страв од непознатото, туку со страв кон Оној кој нè создал и кој нè возљубил, та се жртвувал за нас и бива убиен за нашето спасение. Со стравопочит кон нашиот возљубен Отец Небесен Кој нè љуби и ни ја подарува вечноста, да сопостоиме со Него, во Неговата прегратка. Кога некого љубиш, не сакаш да го повредиш, не сакаш да го разочараш, па затоа се плашиш да не го изгубиш. Е со таква стравопочит да веруваме во Бога, со нашето смиреноумие.
Но, кога говориме за добродетелта, тогаш секако знаеме дека таа е дар Божји. А дарот кој можеме да го добиеме бесплатно од нашиот Создател, треба да го бараме лично од Него. Нели пак, на друго место во Светото Евангелие Господ ни вели, нè подучува, дека „на тој кој чука ќе му се отвори! Кој вика по мене, ќе го чујам! Кој бара, ќе добие!“ Молитвата наша е нашата насушна потреба за да ги стекнеме добродетелите. Преку нашата молитва, ние чукаме на духовната врата во вечноста, ние викаме во нашата душа, повикуваме кон Господа, Го бараме секојдневно, постојано, надевајќи се на Него, очекувајќи ја Неговата заштита и милост. Низ постојаното трезвеноумие, смирено Му се молиме на Бога да ни го дарува дарот, добродетелта на смирението и да се принесеме себеси пред вечното Господово Битие. Само преку молитвата ќе ја здобиеме смиреноста. Да бараме и да бидеме постојани во нашиот трудољубив живот. Секако дека со покајанието за нашиот грешен живот, пристапуваме кон духовните двери на Рајот. Преку покајанието го изразуваме и смирението пред Господа.
Човекот ништо не може да постигне и достигне со својата сила. Човечката сила е слаба, човекот е непостојан, несовршен, затоа што човекот е нестабилно битие кое има потреба од помош, но има потреба од Божјата помош. Господ го води човекот, како мајка која го води своето дете за рака. Така и нашиот пресладок Исус нè води низ нашиот живот. А ние луѓето, како непостојани, грешиме, но треба да бидеме трезвеноумни и смирени за да ја прифатиме одговорноста поради нашиот грев и со тоа и оддалечувањето од Творецот, та со искреното покајание да го умилостивиме праведниот Судија и по неговата човекољубивост, повторно да нè прими во Неговата Света заедница. Секој грев е промашување на целта, а целта е Господ. Трудејќи се во верата, трезвеноумно со нашата слободна волја, да го довериме нашиот живот на Божјата Волја, молитвено и покајно очекувајќи да го добиеме дарот на смирението.
Единствено преку постојаната молитва која ќе ја имаме, ќе бидеме трезвеноумни, пазејќи се себеси од гнев и нервоза, ќе ни го подари Господ смиреноумието. Друг начин не познаваме со кој можеме да ги стекнеме Божјите дарови. А кога сакаме – ние се трудиме, кога имаме волја – се молиме. Молитвата нè поврзува со Господа. Kога ќе бидеме во духовната заедница со Бога, тогаш ќе го здобиеме смирението.