Беседа на Велигден

Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Христос Воскресна од мртвите,
со смртта смртта ја победи,
и на оние во гробовите живот им подари
(Тропар на Воскресение)

Оваа песна, овој тропар е најрадосната песна, најубавата песна, најважната песна. Оваа порака од овој тропар е најважната порака за целиот човечки род. Исус Христос е навистина Бог и човек, навистина го направи незамисливото чудо во постоењето на човечката цивилизација. Човекот се раѓа, живеејќи доаѓа до неизбежноста на самиот крај, и умира. Но, никој претходно не воскреснал, не оживеал после три дена во сенката на смртта, во смртниот гроб. Исус Христос, самостојно Воскресна, со Неговата Божја моќ, со Неговата сила, со Неговата бесконечност, Тој умре и Воскресна. Па дали е возможно изворот на животот да биде држен во адот, во смртта? И адот се потресе, противникот Божји се запрепасти, Животот Воскресна! Воскреснаа со Него и многу други праведници, излегоа од смртните гробови во Ерусалим и отидоа по светот да го сведочат чудото над чудата.

Изворот и смислата на целото постоење, вечноста се всели во човекот, вечноста стана човек. Човекот претходно беше смртен и несовршен, но после ова Велико чудо, човекот стана бог. Богочовекот Исус Христос, Спасителот, Месијата, се обзнани, се покажа, ја покажа својата моќ и со својата власт ја спаси создадената материја.

О, колку е голема радоста! О, колку е неопишана радоста! О, какво е ова неискажано чудо? Чудо над чудата! Она што беше невозможно, сега стана остварливо и почеток за сите други создадени луѓе. Почеток на човечките Воскресениjа! Почеток на човечкото спасение. Почетокот, начелото, бесконечноста, вечноста стана човек, стана свет, стана материја, за да биде Архетип, да биде, почеток и пример за сите други. Еден за сите, еден почеток, еден пример преку кого целата творба ќе биде принесена во транседентноста (бесконечноста и нествореноста). Ова е Тајна над Тајните. Ова е Тајната на Божијот Домострој на спасението. Тој – Моќниот, Тој – Апсолутниот, кроток како јагне, со Својата волја се смири, се унижи и се жртвуваше, принесувајќи го телото Свое, принесувајќи ја земната природа како жртва за преобразувањето, за обожувањето. Но, нема Воскресение без претходна смрт.

Нашето тело е наш храм, нашите срца се нашиот олтар во кој се молиме. Со нашата слободна волја, му служиме на Господа во нашиот храм, и свесно ги принесуваме жртвите од нашите борби во нашиот олтар, во нашите срца. А кога нашата свест е помрачена од гревовниот живот, кога совеста е потрупана со гревовите, тогаш и нашето срце е валкано и грешно, па затоа честопати правиме грешни постапки. Потребен е голем труд за да се поправиме, но тој труд, таа борба е наш стремеж, наша желба да бидеме подобри. Господ Исус Христос, треба да нè освети, да нè очисти за да можеме повторно да станеме икони Божји, образ Божји. Господ пристапува во нашите срца, како во гроб, затоа што ние ја валкаме многу често нашата совест и само преку интервенцијата Божја, повторно може нашата душа да биде достојна за Божјата чистота. Нашите души се валкани гробови со валканиците на нашите разни гревови и лоши постапки кои секојдневно ги чиниме. Но, Воскресението Божјо е радоста за сите нас, Воскресението е нашата цел. Господ го победи гревот, ја победи смртта, го победи лукавиот и, ете, за нас е отворена можноста да се прочистиме, да се осветиме, да се покаеме, и наместо да бидеме валкани гробови, да станеме прекрасни храмови Божји. Господ нè возљуби, ги возљуби своите созданија, неговата твар, та Тој ни ја дарува можноста да станеме сожители со Него, чеда негови, синови кои ќе ја споделуваат љубовта вечно со Него. Ако Тој нè возљубил толку многу, се жртвувал за нас грешните, тогаш и ние чедата негови, ќе се љубиме помеѓу себе за да му ја покажеме на светот силата Божја. Силата Божја е љубовта!

Смртта Христова ја потресла целата создадена природа, таа се тресела од темелите во моментот на Христовата смрт. И земјотрес ја тресел земјата израелска, многумина, пак, кога виделе од страв поверувале во Исуса. Сонцето се помрачило, сè станало темно, како во сенката на гревот и ужасот. Светот го осуди својот Творец и злото се надвило над светот и злото се покажало во светот така што сè се помрачило и тресeло. Очајот и хаосот завладеале и ја покажале својата деструктивна сила над природата. Човекот го осуди својот Творец, го уби. Грешниот човек постана судија на совршениот судија. Злото го осуди Доброто, го осуди совршенството. Неподмитливиот судија, постана жртва на злото во светот, во тој свет кој постои поради Неговата милост, поради милоста на Тој Осуденик Кој бива убиен. Каков парадокс! Но, во гревот сè е парадоксално, сè е извитоперено, сè е криво и превртено наопаку.

Создадената природа не можела самостојно да се освети, да се поправи и да биде вечна. Единствено Исус Христос ја принесува во наднебесниот свет, во бесконечниот жртвеник во вечноста. Тој ја осветува природата и преку Неговата личност природата се принесува и станува соединение со Синот Божји. Природата е створена за да биде дел од Синот Божји. Синот Божји ја создава по татковската волја, со содејството на Светиот Дух, Логосот Божји ја создава природата, за да ја прими во себе и да ѝ даде вечно постоење. Единствено така можела природата да постане бесмртна. Личноста Божја ја зема да биде Негова, за да постане вечна. Преку Личноста Божја, преку Христа и сите други ќе ја добијат вечноста. Еден за сите и сите во Еден. Еден Исус Христос, Бог Син, Богочовек, Главата на Црквата Божја, Телото Божјо. Сите луѓе во Црквата го сочинуваат Телото Божјо, причестувајќи се со Христа, стануваат Едно Тело, Божјо Тело и ја остваруваат вечната заедница. Го сведочат и Неговиот страдален живот, го сведочат крстовоскресниот спасоносен чин. Чинот на спасението.

Од денес настапува радоста. Од денес настапува расположението. Луѓе радувајте се, пејте, смејте се, затоа што имаме надеж. Надежта наша е Христос. Христос Воскресна! Надежта победи! Природо радувај се, затоа што нема да пропаднеш, нема да бидеш оставена и заборавена. Христос те обожи! Христос те усоврши! Тажни освестете се, еве ја радоста, еве го Христос, Христос Воскресна да се радуваме. Болни видите, еве го лекот, еве го вашето спасение, Христос ја победи гнилежноста, Христос ја победи болеста која убија, Христос Воскресна. Намачени, напатени, видете, отрезнете се, еве Го Христос, еве ја надежта, еве ја среќата, еве ја радоста, Христос Воскресна! Грешни, погледнете, покајте се, Христос нè возљуби, дојдете да живееме во радоста на покајанието, да се обожиме.

Народи ликувајте, народи пејте, пејте му на Воскреснатиот Христос, на Воскреснатиот човек, на нашиот почеток, на нашиот пример, на Богочовекот, на Синот Божји. Тој е со нас, тука беше, проживеа со луѓето, патеше во животот, патеше и тагуваше со нас луѓето, нè подучуваше, нè лечеше, ни ја покажуваше својата моќ преку лекувањето на неизлечивите болести, и ги воскреснуваше луѓето. Тој живееше со нас, ја искуси човечката мака, човечката несовршеност, ја почувствува создадената природа на Себе, лично, и таа несовршеност ја преобрази, ја усоврши да биде совршена, да биде дел од Него вечниот, да биде човекот бог по дарот, по благодатта, по волјата Божја. Бог Отецот, во вечната заедница со Синот и Светиот Дух, не е себичен, не е сам, туку ја прифати тварта, созданијата ги приведе во вечноста, создадената природа ја возљуби, за да сопостоиме сите со Него вечно, коегзистирајќи во вечната љубов, во љубовната заедница.

Со раце да заплескаме, со нозе да заиграме, со уста да запееме, играјте и радувајте се луѓе Божји зашто Исус Христос нè спаси. Играј и ликувај вселено, пеј и радувај се свете, затоа што Христос нè спаси. Сите да го посведочиме ова чудо кое никогаш пред тоа не се има случено. Човекот Воскресна од мртвите. Тридневен мртовец Воскресна. Христос Воскресна!

Господ наш и Бог наш, Исус Христос, Син Божји, Логос Божји, второто лице на Светата Троица. Бесконечен, Свет, Совршен, Апсолутен, Беспочетен, Роден од Отецот, сушти со Отецот и со Светиот Дух, истоветен со Отецот и Духот, Тој е Богочовекот, Тој е нашиот Бог, Тој е нашиот брат по тело, Тој е нашиот род, Тој е нашиот праобраз, Архетипот на нашата личност, примерот на нашиот живот, смислата и суштината на целиот постоечки живот. Го славиме, Го величаме, Го прославуваме, Го љубиме. Го молиме да нè присоедини кон Неговото совршенство. Господи смилувај се на нас и спаси нè. Не оставај нè нас, но дојди и биди со нас сега и секогаш и во вечни векови. Амин, така нека биде Господи.

Христос Воскресна! Навистина Воскресна!