Прво чествување на преподобната Гаврилија

Преподобната мати Гаврилија, „Подвижничката на љубовта“, „Старицата на радоста“, беше вброена во ликот на светителите од страна на Цариградската Патријаршија, во октомври 2023 година, а за ден кога се празнува нејзиниот спомен беше одреден датумот на нејзиното упокојување – 28 март.

На 28 март оваа година беше првото чествување на преподобната Гаврилија. На православните верници во Македонија оваа светителка им е позната по нејзините поуки, кои се објавувани во повеќе наврати, во неколку православни списанија, и на интернет портали.

Во продолжение следи нејзино кусо житие.

Мати Гаврилија (Папајанис)

(1897-1992)

Старица Гаврилија е родена во Цариград на 15 октомври 1897 година, како четврто и најмалото дете во семејство на имуќен трговец.

Детството го помина во Цариград, а потоа во Солун, каде што семејството се пресели во 1923 година. Со благослов од мајка си, кон која беше исклучително приврзана, во 1938 година отпатува во Англија, каде ги помина годините на Втората светска војна. Таму работеше и заврши училишта за физиотерапевт и хироподист. Кога се врати во Грција, во 1945 година, се вработи во организација за помош на бегалци, а во раните педесетти години – во Американското земјоделско училиште во Солун. Подоцна отвори своја ординација во Атина, каде што работеше до 1954 година.

Во март истата година, нејзината мајка се упокои и таа ја затвори својата ординација. Со смртта на мајка ѝ, заврши еден период од нејзиниот живот. Тогаш донесе одлука дека повеќе нема да живее за себеси туку за другите, и по Божја промисла замина во Индија, каде што пет години работеше како физиотерапевт кај најсиромашните од најсиромашните луѓе во Индија – болните од лепра.

Во Индија живееше и работеше во една колонија на лепрозни наречена Анандван, каде што се лекуваа пациенти кои боледуваат од оваа болест, а која ја беше изградил еден поранешен адвокат со неговото семејство, популарно познат како Баба Амте. Пред да ги запознае Баба Амте, неговата сопруга и двата сина, со кои остана во контакт до крајот на животот, таа живееше и работеше во ашрамот на гуру Сивананда, каде што со молитва ги масираше и на секој можен начин ги лекуваше заболените од лепра. „Сестра Лила“, како што ја нарекуваа Индијците од милост затоа што неизмерно ја сакаа, не зеде ниту една пара за својата работа, бидејќи му се завети на Бога дека ќе живее во целосно сиромаштво, сосема предавајќи се во Божји раце.

Кога наполни 62 години, во 1959 година, отиде во градот Витанија, во Палестина, каде што се наоѓа манастирот на светите Марта и Марија, за да стане искушеничка. Бидејќи сите знаеја дека доаѓа од Индија, на почетокот беа сомничави кон неа, сакајќи да проверат дали таа се молела со Индијците и дали можеби јадела од жртвите од нивните идоли. Подоцна ситуацијата се промени кога таа ги увери дека во ниту еден момент не ја има престапено православната вера. Отец Теодосиј, духовникот на манастирот, ѝ даде молитвено правило, и беше прилично изненаден од нејзината умешност во читањето текстови на старогрчки јазик. Во една прилика ѝ рече: „Големите духовници, за кои сме слушале, веќе не постојат. Јас секако не сум таков. Дојде овде за да си ја спасиш душата. Ако почнам јас да ти давам правила, обајцата ќе ја изгубиме душата. Но, тука е отец Јован. Тој ќе ти биде духовник.“ Така, првата година свештеникот ѝ одреди да ги чита само Евангелието и Лествицата од Свети Јован Лествичник. Тука треба да се забележи дека во тоа време Лествицата сè уште не беше преведена на современ грчки јазик.

Помина три години во Витанија. Во април 1962 година се рашири веста дека цариградскиот патријарх Атинагора бара некој од монасите да замине во градот Тезе во Франција, и таа се одзва на тој повик бидејќи од детството течно зборуваше француски. Оттаму замина во Америка.

Во Грција се врати во 1963 година. Игуменот на манастирот Свети Јован Богослов, Амфилохиј Макрис (вброен помеѓу светителите во 2018 година, од страна на Цариградската Патријаршија), ја потстрижа во мала схима, на островот Патмос, во пештерата Свети Антониј, а набргу потоа, таа со уште една монахиња отиде во Индија. Старецот Амфилохиј имаше голема желба да најде калуѓерка која ќе биде отворена за далекусежна, активна мисионерска работа во светот. Сестра Гаврилија помина три години во Индија во градот Нани Тал, во државата Утар Прадеш, каде што свештеник беше отец Лазар Мур и кој, меѓу другото, работеше на превод на Псалтирот и на Светите Отци со помош на мати Гаврилија.

Од 1967 до 1977 година, Сестра Гаврилија патуваше во мисии во Источна Африка, Европа, а ги посети и духовните отци Лев Жиле и старецот Софрониј Сахаров (вброен помеѓу светителите во 2019 година, од страна на Цариградската Патријаршија), па повторно отиде во Америка, и во кратка посета на Синај, бидејќи архиепископот Дамјан настојуваше таму да го заживее женското монаштво.

Мати Гаврилија многу патуваше, а каде и да беше, на луѓето им даваше љубов и внимание. Таа често одеше во Ерусалим, на Светиот гроб, а исто така одеше на мисија во Источна Африка. Во текот на 50-тите и 60-тите години таа пружаше духовно раководство и утеха на илјадници луѓе од целиот свет, кои секојдневно ги спомнуваше по име во нејзиното молитвено правило.

Некаде околу 1977 година, таа се насели во еден мал стан, познат како „Куќата на Ангелите“, среде буката, вревата и смогот на раздвижениот центар на Атина. Тој скромен стан беше прибежиште за оние кои ја посетуваа барајќи утеха.

Во 1989 година се пресели во тихувалиштето „Покров на Пресвета Богородица“, на островот Егина, во близина на црквата каде што се чуваат моштите на Свети Нектариј. Таму таа покани две од нејзините последни духовни чеда да се замонашат и да живеат со неа, и сè уште продолжуваше да ги прима оние што бараа помош од неа. На почетокот на Великиот пост во 1990 година беше примена во болница поради рак на лимфните жлезди. Помина четириесет дена во болница, а беше пуштена во текот на Страсната седмица. Откако на Велигден се причести, на големо изненадување на сите лекари, ракот исчезна.

Конечно, старицата се повлече во тишина и мир. Последен пат се пресели на островот Лерос во придружба на една монахиња. Таму основаа тихувалиште посветено на Светите Архангели. Дури во последните години од животот таа доби голема схима од рацете на отец Дионисиј од малиот скит на Света Ана, Света Гора. Тој пристигна на Лерос за да изврши потстриг во голема схима, во параклисот на Пресвета Богородица, на врвот на Лерос.

Мати Гаврилија го напушти овој свет на 28 март 1992 година, без да изгради ниту еден манастир. Со текот на времето, шест нејзини духовни чеда се замонашија, но не живееја сите постојано со неа, туку по една или две. Само ангелите би можеле да избројат колку луѓе Бог допрел и променил преку неа. Нејзината биографија и нејзините поуки беа објавени во Грција во 1996, преку напорот на нејзините монахињи, и со помош на многумина други луѓе на кои им беше помогнала.

Светиот Синод на Цариградската Патријаршија на својата седница на 4 октомври 2023 година одлучи да ја вброи мати Гаврилија помеѓу светителите.