Антиохиската Патријаршија упати апел да запре машината за убивање во Газа и ги повика своите верници да се молат за исповедничката Украинска православна црква

Светиот Архијерејски Синод на Антиохиската Патријаршија заседаваше на 13 и 14 март оваа година. Беа разгледани повеќе теми и на крајот беше објавено соопштение од ова заседание.

Во соопштението, потсетуваат на двајцата киднапирани архијереи од оваа црква уште пред повеќе од 10 години, за кои оттогаш ништо не се знае.

Светиот Синод упатува апел за мир во целиот свет и прекин на страдањето на народот во Газа, „кој страда од злото на војната и од неправдата на оние што одлучуваат во меѓународната заедница, која се чини дека ја изгубила својата хуманост.“

Синодот, исто така, ги повикува своите верници да се молат за исповедничката Украинска православна црква, на која ѝ се заканува згаснување преку неправедни државни закони.

На оваа седница на Синодот, беше донесена одлука за расчинување на умировениот Митрополит Северноамерикански г. Јосиф, и негово враќање во редот на мирјаните, заради постапки спротивни на Светото Писмо и на каноните на Православната Црква.

Во продолжение го пренесуваме целото соопштение.


Соопштение на Светиот Архијерејски Синод на Антиохиската Патријаршија

Баламанд, 14 март 2024 година

Светиот Архијерејски Синод на Антиохиската Патријаршија, со кој претседаваше Неговото Блаженство Патријархот Јован X (Јазиги), ја одржа својата осумнаесетта вонредна седница во Баламанд од 13 до 14 март 2024 година, во присуство на нивните Високопреосвештенства: Илија (Архиепископија на Бејрут); Илија (Архиепископија на Тир и Сидон); Сава (Архиепископија на Њујорк и цела Северна Америка); Силуан (Архиепископија на Библос и Ботрис); Василиј (архиепископија на Акар); Ефрем (Архиепископија на Триполи и Кура); Игнатиј (Архиепископија на Франција, Западна и Јужна Европа); Исак (Архиепископија на Германија и Централна Европа); Гатас (Архиепископија на Багдад и Кувајт); Антониј (Архиепископија на Захлех и Баалбек); Николај (Архиепископија на Хама); Василиј (Архиепископија на Австралија, Нов Зеланд и Филипини); Атанасиј (Архиепископија на Латакија); Ефрем (Архиепископија на Алепо и Александрета); Нифон Сајкали (Митрополит Филипополски и претставник на Антиохискиот Патријарх кај Московскиот Патријарх); Григориј (Архиепископија на Хомс); Антониј (Архиепископија на Босра Хауран и Џабал Ал-Араб). Присутен беше и Неговото Преосвештенство, Епископот Романос Ел-Ханнат, викар на Патријархот и секретар на Светиот синод.

Митрополитите кои се извинија што не можеа да присуствуваат се следните: Дамаскин (Архиепископија на Сао Паоло и на цел Бразил); Силуан (Архиепископија на Британските острови и на Ирска); Игнатиј (Архиепископија на Мексико, Венецуела, Централна Америка и Карипските острови); и Жак (Архиепископија Буенос Аирес и цела Аргентина). И покрај неговото физичко отсуство предизвикано од неговото киднапирање, Митрополитот Булос Јазиги е секогаш присутен во молитвите и прозбите на Синодските отци.

Во зората на Великиот пост, Синодските отци ги упатуваат своите искрени молитви за верниците од Антиохиската црква, молејќи го Господа овој период да биде време на блискост со Бога, утеха за срцата и победа во неволја.

Отците уште еднаш го насочуваат вниманието на случајот со архијереите од Алепо, Булос Јазиги и Јухана Ибрахим, кои се киднапирани од април 2013 година. Тие потврдуваат дека случајот со киднапираните епископи е олицетворение на нож на измама забиен во срцето на правдата. Оваа правда е распната од интересите, запоставувањето, бесчувствителноста и експлоатацијата на судбината на источните христијани и малцинствата. Овој Исток е измачуван од неволји, но со сиот свој религиозен спектар ја бара Божјата милост.

Отците ги издигнуваат своите молитви за мир во целиот свет и за народот на Газа, кој страда од злото на војната и од неправдата на оние што одлучуваат во меѓународната заедница, која се чини дека ја изгубила својата хуманост. Освен тоа, отците ги упатуваат своите молитви за Сирија и Либан. Тие апелираат до целиот свет да се запре машината за убивање во Газа, да се укине блокадата и да се донесе мир. Тие, исто така, ги повикаа сите да работат за да се спречи влијанието на оваа војна врз регионот, а особено врз Либан. Отците ги упатуваат своите најдобри желби кон муслиманската заедница за почетокот на овој благословен свет месец на милост и милосрдие, повикувајќи ги милостите на Отецот на светлините врз нив. Синодските отци ги повикуваат своите верни чеда во овој благословен период да ги засилат своите молитви за целата Православна црква и за нејзиното единство и за исповедничката Украинска православна црква. Верниците на оваа црква страдаат од суровиот товар на војната, организираното насилство и опасноста од згаснување преку неправедни закони кои имаат за цел затворање на нивните парохии и пренесување на сопственоста на нивните цркви на други религиозни групи.

Светиот Архијерејски Синод беше информиран за резултатите од Синодскиот комитет, формиран од Патријархот, во врска со настаните околу оставката на Митрополитот Јосиф Зелауи, поранешен Митрополит на Архиепископијата на Северна Америка.

На разочарување на синодските отци, по неговото пензионирање, пензионираниот Митрополит Јосиф Зелауи неправедно побарал права врз архиепископскиот имот; преку своите адвокати барал од Архиепископијата голема сума пари и се заканувал со правна постапка и јавен конфликт со Црквата, на тој начин одразувајќи, преку своите барања, неправилен став како епископ во однос на финансиските работи; и на крајот поднел тужба против Архиепископијата во граѓанскиот суд на САД. Овие постапки се во спротивност со Светото Писмо и со Светите Канони. Затоа, Светиот Архијерејски Синод го осуди пензионираниот митрополит Јосиф Зелауи како виновен за канонски прекршоци заради:

– Неправилно постапување како свештено лице (Митрополит во пензија) во однос на црковниот имот и финансиите, и

– Поведување правна постапка против Црквата во граѓански суд.

Следствено, Светиот Синод го расчини пензионираниот митрополит Јосиф Зелауи од епископскиот чин и го врати во редот на мирјаните. Тој веќе нема право на привилегиите и придобивките поврзани со епископскиот чин во Православната Црква. Синодот се моли остатокот од својот живот тој да го помине во мир и покајание.

Синодот ја упатува и Архиепископијата на Северна Америка да ги преземе неопходните мерки за зачувување на сите права, интереси и имот на Архиепископијата.

Отците расправаа по барањето на архимандритот Димитри Мансур, избран на последната Синодска седница за епископ, да биде изземен од прифаќање на епископскиот чин, од лични причини. Тој тоа писмено го изрази преку писмо испратено до Патријархот. Отците решија да го прифатат неговото барање.

Светите синодски отци им се обраќаат на своите чеда во Архиепископијата на Њујорк и на цела Северна Америка, прегрнувајќи ги со татковски дух и молејќи се за нивната непоколебливост. Тие им се обраќаат со зборовите Христови: „Не бојте се, зашто Јас го победив светот“ (Јован 16, 33) и со зборовите на апостол Павле: „На оние што Го љубат Бога и се призвани по Негова волја, сè им врви добро“ (Рим. 8:28). Синодските отци се горди на вас, на вашата вера и вашата љубов кон Црквата. Тие се покрај вас во сè што води кон добро, напредок и раст на вашата Архиепископија.

Отците испраќаат благослови и молитви до своите чеда, каде и да се присутни. Тие им се придружуваат на верните во молитвите кон Господа Бога да го прегрне Неговиот свет со духот на Неговиот сладок мир и да им даде утеха на срцата на ужалените и напатените луѓе, зашто секој благослов, утеха и светлина слегува од Божјите недра.

Извор: https://antiochpatriarchate.org/en/page/statement-of-the-holy-synod-of-antioch-14-march-2024/2669/