Во сабота, на 16 март, во катедралниот храм „Свети Александар Невски“, во Софија, со почеток во 9.30 часот, по локално време, беше отслужена Божествена Литургија, и во продолжение – опело за блаженоупокоениот Бугарски Патријарх Неофит.
Светата Архијерејска Литургија ја служеа членовите на Светиот Архијерејски Синод на Бугарската Православна Црква, а началствуваше Митрополитот Варненски г. Јован. На крајот на Литургијата, тој произнасе и беседа за блаженоупокоениот Патријарх Неофит.
На опелото началствуваше Неговата Светост Константинополскиот Патријарх г.г. Вартоломеј, во сослужување со претставниците на помесните Православни цркви.
Сите архијереи од делегацијата на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија: Митрополитите Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј и Брегалнички г. Иларион служеа на опелото.
Присутни беа голем број архијереи од помесните Православни цркви, како и претставници од други верски заедници. Присутен беше и целиот политички врв на Бугарија, а престолонаследникот Симеон II, го прочита Символот на верата на Светата Литургија.
За да се збогуваат со својот Архипастир, во храмот притекнаа голем број свештеници, монаси и монахињи и мноштво верен народ, кој го наполни храмот.
Во Бугарија денешниот ден е втор ден на жалост.
Во 14 часот по локално време, со торжествена литија, телото на Неговата Светост ќе биде пренесено во храмот „Св. Недела“, каде што ќе биде положено до гробот на егзархот Јосиф. Телото ќе биде пренесено на хаубично оружје, преправено во погребално возило, на кое било пренесено и телото на Цар Борис III. Местото за почивка е желба на самиот Патријарх Неофит. Неговиот претходник, Патријархот Максим, е погребан во Тројанскиот манастир.