Градот Латакија е четврт по големина град во Сирија, кој се наоѓа на брегот на Средоземното море.
На покана на Митрополитот на Латакија Неговото Високопреосвештенство г. Атанасиј, Неговото Блаженство Патријархот Антиохиски г.г. Јован пристигна во градот Латакија во пастирска посета.
Со биење на камбани, знамиња и транспаренти за добредојде, музика од извидничкиот оркестар, во присуство на многуброен верен народ, Латакија го пречека Патријархот Јован.
По пречекот, Неговото Блаженство одржа молебен во соборниот храм Св. Георгиј, со молитвено учество на митрополитите: Латакиски Атанасиј, Анкирски Василиј, Британски Силуан, Хамски Николај, на Алепо Ефрем, Хомски Григориј и Хурански Антониј, како и со епископите: Роман, Муса, Димитриј, Јован и Арсениј.
На молитвата присуствуваа гувернерот на Латакија, претставници на војската и полицијата, членови на Народното собрание и на Градскиот совет, претставници на Универзитетот, на културните и јавни установи, претставници на другите вери: римокатоличката, ерменската и маронитската црква и на исламската заедница.
Поздравни слова кон Антиохискиот патријарх упатија Митрополитот Атанасиј и гувернерот на Латакија, Амер Исмаил Хилал.
Потоа се обрати Патријархот Јован, истакнувајќи: „Доаѓаме денес во периодот на прославата на Христовото Воскресение. Доаѓаме да ја обновиме и осветиме црквата ’Св. Георгиј’. Доаѓаме во оваа црква која ги истресе од себеси урнатините од земјотресот. Доаѓаме да го потресеме светот со нашиот извик ’Христос воскресе!’ Доаѓаме да се помолиме за загинатите во земјотресот во 2023 година.“
Тој продолжи: „Нека е благословен народот на Латакија. Од оваа света земја, упатуваме поздрав за мир до Архиепископот Павле (Јазиџи), кој беше служител на оваа епархија, и поздрав за мир до Архиепископот Јован (Ибрахим), кои се заедно на крстот на источното христијанство веќе единаесетта година среде заглушувачка тишина за нивниот случај.“
На крајот од своето обраќање, Патријархот рече: „Дојдовме за светот да го слушне нашиот глас: време е да заврши голготата на Сирија. Време е да се крене опсадата врз Сирија. Да се стави крај на грешната политика на изгладување. Затоа, денес се молиме за Сирија, Палестина, Газа, Ерусалим, Либан и за целиот регион, барајќи од Господа да го засади Својот мир во овие земји. Потврдуваме дека сме тука непоколебливи, цврсти и одлучни.“
Извор: https://www.antiochpatriarchate.org/en/page/his-beatitude-patriarch-john-arrives-in-latakia/2705/