Архиепископот Севастиски г. Теодосиј, од Ерусалимската Патријаршија, се обрати кон сите христијански цркви во светот, потенцирајќи ја неопходноста од итно вмешување и поддршка на Украинската Православна Црква, која трпи невидено гонење од страна на органите на власта во Киев. Беше потенцирано дека ситуацијата наликува на она со што Црквата се соочуваше во комунистичкото време, само што денес гонењата имаат друга, крајно опасна форма.
Во обраќањето се вели: „Напади врз архијереи, свештеници, монаси и монахињи, преземање на Цркви и манастири, закани за забрана на Црквата која постои во Украина веќе илјада години и е прва, најстара и древна црква во Украина. Молчењето пред лицето на гонењето на таа Црква, на чело со Неговото Блаженство Митрополитот Онуфриј, со архијереите и со оние кои служат во таа Црква со искреност, со отците и монасите, е недопустливо. Народот на таа Црква е приврзан кон неа и тврдо се држи за својата принадлежност кон неа.“
Архиепископот Теодосиј е уверен дека угнетувањето со кои се соочува законската и канонска Православна Црква во Украина „треба да го привлече вниманието на сите христијански Цркви, на правните и хуманитарните организации, затоа што таквиот вид на угнетување е форма на верски прогон“.
„Нашите браќа во Христа се гонети поради својата принадлежност кон законската православна Црква. Многу е важно од властите во Киев да се бара да ја сопрат својата агресивна дејност и неоснованото гонење на таа братска Црква“ – потенцира Севастискиот архиепископ Теодосиј.
Обраќајќи се кон верните на Украинската Православна Црква тој изјави: „Од Ерусалим ние го изразуваме нашиот солидарен однос со Црквата во Украина, со нејзините епископи, свештениците и народот. Вие сте присутни во нашите молитви, и ние се молиме Бог да ве зачува во ова тешко време кога трпите гонење од системот, кој не ѝ сака добро на Православната Црква, чија цел сте вие како наследници на древната и единствена канонска Православна Црква во Украина“.
Архиепископот Севастиски г. Теодосиј е член на меѓународното правно здружение „Црквата против ксенофобијата и религиозната дискриминација“. Тоа беше создадено во декември од неколку архијереи и свештенослужители на Помесните Православни Цркви заедно со невладините организации “Public Advocacy”, “VSI Zmogaus teisiu apsauga”, “European Institute for Religion and Law”, кои имаат консултативен статус во Економскиот и социјален совет при Организацијата на Обединетите Нации.