Чудотворната мироточива „Хавајска“ Иверска икона на Пресвета Богородица во црквата „Св. Климент“ во Торонто

Пишува: Протојереј Александар Тодоровски

На 23 февруари 2024, со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополит на Американско-канадска епархија г. Методиј, Чудотворната мироточива „Хавајска“ Икона на Пресвета Богородица престојуваше во Епархискиот соборен храм „Св. Климент“ во Торонто.

Голем број на верници од разнични националности и од различни краишта притекнаа во храмот да ја пречекаат Богомајката. Во моментот кога пристигна иконата се чувствуваше трепетот на душата и телото од самата помисла дека се приближува голема светиња. Сѐ торжествуваше и сѐ се радуваше, а благоухание од Иконата се ширеше низ целиот храм.

На Вечерната богослужба чиноначалствуваше архијерејскиот заменик и намесник на Американско-канадска епархија протојереј-ставрофор Синиша Ристовски којшто заедно со протојереј Драган Јорданов со радост допатуваа од Детроит за да присуствуваат на овој торжествен чин, а сослужуваа и редовните и пензионираните свештеници и од другите Македонски Православни цркви во Торонто.

По богослужбата, најпрво парохискиот свештеник о. Сашо Целески произнесе пригодно слово споделувајќи ја големата духовна радост во нашата црковна заедница имајќи ја можноста верниот Македонски православен народ, пред извесно време да се поклони пред моштите на светиот Нектариј Егински, а денеска да се поклони и да ја целива Светата Иконата на Пресветата и Пречиста Богородица Марија којашто постојано мироточи и чуда прави.

Архијерејскиот заменик и намесник протојереј-ставрофор Синиша Ристовски се обрати на верниот народ испраќајќи благослов од надлежниот Митрополит г. Методиј, којшто со неговиот благослов направи денеска во нашиот Соборен Епархиски храм на Свети Климента, на нашиот просветител, учител, татко наш духовен, Мајката Божја да биде со нас, истакнувајќи дека никој не може за три дена толку народ да собере, освен Мајката Божја. Со Нејзин благослов и со благослов на Нашиот Спасител Господ Исус Христос, покажавме дека сме благочестив Македонски народ којшто навистина Мајката Божја нѐ сака, бидејќи токму „Св. Климент Охридски“ во Торонто е третата Македонска Православна црква којшто е посетена од Мајката Божја и нѐ благослови, откако претходно својот благослов го даде во Македонските Православни цркви во Детроит и Њу Џерси.

Голема благодарност до иконофорот, хранителот (чуварот) на Иконата, протојереј ставрофор Нектариј, којшто самиот благоволи при неговата посета во Торонто, Иконата на Мајката Божја да престојува во Епархискиот соборен храм „Св. Климент Охридски“. Во својата беседа о. Нектариј истакна дека навистина е големо чудото на Иконата на Пресветата Богородица којашто непрестајно, изобилно мироточи 17 години, но најголемо чудо е благословувањето на Лебот и Виното на Светата Литургија, коишто по Призивот на Светиот Дух стануваат Тело и Крв Христови.

По беседата, верниот народ пристапи кон Иконата и со голема побожност ја целиваше, а потоа од парохискиот свештеник Сашо Целески беа помазани со светото миро кое течеше од оваа чудотворна икона. Сите стрпеливо и со ставопочит чекаа да го целиваат ликот на Пресвета Богородица, а кога го видоа стаклото на Иконата облеано со миро, во нивните срца и лица се одразуваше радост, кај кого со солзи, кај кого со запрепастување од фактот што со своите очи гледаа колку мироточи Иконата. Сѐ што беше допрено до оваа светиња, мирисаше на миро,… мирис од илјада рози.

Во јуни, 2008 година, мироточивата Иверско-Хавајска Икона на Пресветата Богородица беше официјално прогласена и признаена за чудотворна и мироточива Икона од Руската Задгранична Црква, и достојна за почитување. За истата беше даде благослов да патува во различни цркви и манастири низ православниот свет. Иверско-Хавајската мироточива Икона на Пресвета Богородица патува и ја носи Божјата благодат на различни места. Од јуни, 2008 година, мироточивата Икона има посетено над 1000 цркви во Северна Америка и Канада и пред истата се имаат поклонето над еден милион луѓе низ Америка и Канада.

По молитвите на Пресвета Богородица, Господ Бог да го чува и заштити нашиот народ од разни напасти, искушенија, очајание, лажни учења, а Христос со Неговата Мајка, Пречистата, да нѐ приведат кон Единиот Вистински Бог!