Пишува: Катерина Дафчева
На Неделата на Свети Григориј Палама, Митрополитот Струмички г. Наум отслужи сеноќно бдение со Света Божествена Литургија во сослужение со Митрополитот Европски г. Пимен и викарниот Епископ Стобиски г. Јаков во манастирот на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици во Струмица.
Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
– Често, човек е толку фатен, т.е. парализиран од гревот, што самиот е неспособен да дојде до Христос и да побара исцеление. Во такви ситуации доаѓа до израз големото и незаменливо значење на Црквата – Телото Христово, како заедница, која со своите најразлични богочовечки дарови како: утеха, поука, личен пример, материјална помош, покајание, исповед, простување и слично, и без оглед на тешкотиите, го приведува човекот кон Господ Христос – Исцелителот на нашите души и тела. Од фатениот, на почеток, се очекува само смирение. Таков заеднички подвиг гледаме и во напорот фатениот да биде приведен до Богочовекот Исус Христос – рече во својата беседа Митрополитот Струмички г. Наум толкувајќи го денешното Евангелие, додавајќи дека: „Христос е единствениот Кој има власт да ги простува гревовите“.
– Христос е единствениот Кој има власт да ги простува гревовите, ако со вера и покајание, односно со смирение и благодарност, пристапиме кон Него. Вистинското покајание и вистинското простување на гревовите се препознава од неповторувањето на гревот. Простување на гревот значи и исцелување од последиците на гревот, а тоа е возобновување на нашата заедница со Бог. Затоа и Богочовекот Исус Христос на фатениот му се обраќа татковски, со зборот „синко“, објаснува Митрополитот струмички г. Наум.
Зборувајќи за однесувањето на фарисеите и нивните помисли, Владиката ќе истакне:
– Посебно, заради нивно обраќање и спасение, Христос постапува по редот по кој следуваат настаните: прво, јавно му простува на фатениот, па љубовно – без да ги кара како што Он знае, кога ќе види непокајание – им ги открива помислите на нивните срца и на крај им ја пројавува Божјата сила и власт – што како Бог ја има, со исцеление на фатениот. Ова го потврдува и самото евангелие: „Така што сите [без исклучок] се восхитуваа и Го славеа Бог, велејќи: ’Никогаш вакво чудо не сме виделе!‘“