Односите меѓу Руската православна црква и Александриската патријаршија значително се влошија во последниве неколку години. Во ноември 2019 година, Александриската патријаршија донесе одлука, со која ја признава автокефалноста на Православната црква на Украина (ПЦУ), доделена од Цариградската патријаршија. Оваа постапка резултираше со прекин на општењето на Руската православна црква со Александриската патријаршија. Во декември 2021 година, Руската православна црква основа Егзархат за Африка, на чие чело беше поставен Клинскиот Митрополит Леонид. Александриската патријаршија одговори со прекин на општењето и од своја страна, а подоцна и со одлука за расчинување на Митрополитот Леонид, кој подоцна беше повлечен од функцијата поради други причини. Од минатата година, на чело на Егзархатот се наоѓа Зарајскиот Митрополит Константин. Неодамна тој, во интервју за РИА (кое во целост може да се прочита тука), се осврна на разни сегменти од дејноста на Егзархатот во Африка. Во продолжение, наведуваме делови од неговото интервју.
Во почетокот на оваа година, започна најмасовното патување на руски свештеници во Африка, откако е основан Егзархатот. Во врска со евентуалните тешкотии околу ова, како и за состојбата со свештеничкиот кадар, Митрополитот изјави:
„Тешкотиите беа од организациски карактер, затоа што во африканските земји беа испратени руски свештеници од разни епархии. За секоја земја се неопходни вакцини, документи, писма во амбасадата, авионски превоз и транспорт. Затоа, тоа беше обемна работа, но рутинска, од технички карактер. Некои значајни проблеми при тие патувања не се појавија… Во патувањето, освен мене, учествуваа седум свештеници. Опфатени беа седумнаесет земји, а во шест од нив, за првпат, беше служена Божикна литургија според преданието на Руската црква. Нашите свештеници служеа и за Обрезание Господово и за Богојавление. Тие свештеници беа доброволци, кои веќе ни беа познати. Нивното учество го усогласивме со надлежните епархиски архијереи… Африка е голем континент, а во основа неопходно е познавањето на англискиот или на францускиот јазик…“
За Митрополитот Константин тоа беше прво патување во Африка. Во таа прилика, тој ја посети Јужноафриканската република.
„Во Јужноафриканската република се оствари мојата прва ’класична’ архијерејска посета… Се сретнав со целото свештенство. Таму јас отслужив четири богослужби… Сите свештеници од Јужноафриканската република ми сослужуваа на тие служби, а по службата во Кејптаун, ние имавме свештеничко собрание, на кое ги разгледавме тековните прашања. Јужноафриканската република е богослужбено организирана земја. Таму ние имаме четири храма и петмина свештеници. Затоа, прашањата, во основа, беа во врска со пастирската практика… Во Јужноафриканската република постојат можности за развој на нашиот црковен живот. Таму има руски заедници, кои не се опфатени со континуирано пастирско внимание… Во Кејптаун има прекрасна парохија, посветена на преподобен Јован Лествичник… Меѓу верниците има и Руси и локални жители. Што се однесува до развојот, перспективата е мошне добра. Во Робертсон пријатен впечаток остава парохијата на храмот „Преподобна Марија Египетска“… Сега е главно да се регулира нормален, спокоен и секојдневен црковен живот, не само во Јужна Африка, туку и во сите земји каде што е присутен Егзархатот. Впрочем, Православната црква е устроена на секојдневно богослужение, на постојана проповед, на извршување Свети тајни, на пастирска грижа, на молитва за луѓето и на правење добри дела.“
Во контекст на поставувањето на постојани свештеници и на изградбата на храмови и останати неопходни простории, Митрополитот кажа:
„Постојат разни аспекти на дејствување на Егзархатот. Еден, главен, аспект е големиот број на свештеници, кои преминаа кај нас. Нив ги има повеќе од двесте, и сите тие се поставени на своите места. Деновиве разговарав со уште некои свештеници од Африка, кои сакаат да преминат во Руската православна црква. Петмина од нив сме подготвени да ги примиме. Следствено, на тој план динамиката е мошне позитивна. Вториот аспект е пастирската грижа за нашите рускојазични браќа и сестри, кои живеат во разни африкански земји. Најнапред, за тоа е потребен контакт со амбасадите, со локалните руски заедници… Во тие случаи, каде што е возможно, потребна е изградба на постојани храмови или изнајмување на простории.“
На прашањето дали свештениците, или тој лично, при ова патување наишле на пречки од страна на Александриската патријаршија, Митрополитот Константин одговори:
„Лично јас, при моето патување во Јужноафриканската република, не се судрив со никаква реакција. Нашата позиција е заедничка, а таа е мирна, добра, црковна. Трагедијата што се случи, веќе е свршен чин, и таа е огромна. Цариградската патријаршија, а по неа грчкиот црковен свет, го призна расколот во Украина. Тоа е болка и трагедија, но не е потребно да се влошува ситуацијата и со навреди. Да, ние ги примивме тие свештеници, и тие станаа свештеници на Руската православна црква. Сега ние го регулираме мирниот црковен живот. Од страна на локалните жители, мене не ми е познато да има значајни противења против нашето свештенство и верниците. Напротив, јас гледам позитивна ситуација и големи можности за христијанска проповед и за добри дела.“
Веќе спомнавме за официјалната реакција на Александриската патријаршија, која вклучува црковно – судски процеси и расчинувања на раководството на Егзархатот. Меѓу другото, се слушнаа гласини за тоа дека на свештениците им се плаќа по двесте американски долари за да преминат во Руската православна црква. Во врска со ова, Митрополитот Константин изјави:
„Руската православна црква, на ниво на Светиот Синод, не ги призна тие одлуки. Митрополитот Леонид (Горбачев) и свештениците Андреј Новиков и Георгиј Максимов остануваат клирици на Руската православна црква во своите чинови… За мене беше поразителна сумата двесте долари. Јас можам да ви кажам дека луѓето, кои преминаа од кај Грците, имаат многу голема мотивација и не станува збор за финансии, бидејќи, во спротивен случај, тие би оделе наваму-натаму. Меѓутоа, луѓето никаде не заминуваат, тие си се на своите места, иако практично трпат притисоци од Грците, па многумина од нив беа лишени од своите храмови.“
Повеќе пати се спомнало дека црковните општини кои преминале во Егзархатот, Александриската патријаршија ги лишува од пристап до извори на вода и дека децата на свештениците ги исклучува од училиштата. Во врска со ова, Митрополитот посочи:
„Да, тоа постои, но наша задача е да ги решаваме проблемите… Јас уште би сакал да нагласам дека моја задача не е да го засилувам и разгорувам непријателството, туку, напротив, според можностите да ги смирувам страстите… Доколку преминувањето беше за пари, тогаш свештениците, по сето тоа, веднаш би се вратиле назад. Меѓутоа, не се работи за пари. Преминувањата продолжуваат, но ние сме должни да бидеме мошне внимателни…Задачата не се состои во тоа количински да се заситува статистиката. Ако некој човек, кој бил свештеник или архијереј во некоја неканонска структура, е согласен да премине како мирјанин, тогаш тоа е еден разговор. А доколку некој човек сака да прими свештенички чин или власт, тогаш тоа е сосема друг разговор.“
Понатаму, Зарајскиот Митрополит Константин се осврна на прашањата поврзани со организирање на монашки заедници во Африка и со црковно – просветната дејност.
„Монаси од Африка доаѓале и доаѓаат во Русија. Сега пристигнаа неколку сестри, кои беа на пракса во руски манастири. Тоа ќе продолжи, а сега се разговара за испраќање на уште неколку монаси на пракса… Ќе се трудиме и ќе се надеваме на Божјата милост. Еден добар монах, вкоренет во преданието, вреди за десет во однос на оние кои ништо не знаат за вистинското монаштво. Ние имаме неколку свештенослужители монаси, кои преминаа во Руската црква. Тие служат како парохиски свештеници во Африка. Другото прашање е во врска со учениците по богословие. Ние имаме повеќе од четириесет ученици, кои се школуваат во четири богословски училишта… Децата сега учат руски јазик. Тоа е нивна прва задача, затоа што треба да се школуваат на руски јазик, а, секако, тоа е мошне тешко за нив… Јас се соочив со фактот дека на нашите африкански браќа свештеници им е потребна помош во однос на многу црковни прашања, односно во нивната пастирска дејност и во подготовка на материјали за нив и за помош при пастирската грижа за верниците… Јас сметам дека црковно-образовниот правец е еден од најважните… Потоа, не е само образованието на свештениците, туку е потребно и образование на децата и на возрасните, односно мисија и образование во парохиите. Тоа е невозможно да се направи брзо. Ние се наоѓаме на почеток од патот. Постојат наши свештеници и активисти, кои се движат во таа насока. Слава на Бога што тоа го има. Меѓутоа, доколку Господ ни даде време, сили и можности да се потрудиме, тогаш јас мислам дека освен градењето храмови, црковниот живот и подготовката на свештенички кадар, една од најзначајните насоки ќе биде прашањето за црковното образование и мисија.“
Во однос на бројната состојба на клирот на Егзархатот, Митрополитот го наведе следново:
„Во овој момент ние имаме двесте и осумнаесет свештеници во Африка… Тие живеат во седумнаесет африкански земји и се грижат за општини во дваесет и девет земји. Значи, еден свештеник може пастирски да се грижи за неколку земји. Има и руски свештеници. Тие се петмина, испратени од Русија. А парохии има над двесте, но тоа не се парохии како што се поимаат во Русија, кои имаат убав храм со златни куполи. Честопати со зборот ’парохија’ може да се нарече една обична населба и може, буквално, да има шатор или колиба, односно соба… Ние имаме стратешки партнери на континентот, а тоа се древните Цркви, кои тука служат уште од првите векови на христијанската ера. Пред сѐ, тоа се Коптската и Етиопската црква. Со нив одамна е регулиран братски дијалог, кој се развива со многу заеднички проекти, а односите се развиваат врз основа на пријателство и заемно помагање. Така, Коптската црква, на неограничено време, ни отстапи, на користење за нашата парохија, храм во Каиро. Исто така, ѝ помага на парохијата во Хургада, па дури и во земји како што е, на пример, Намибија. Во Јужноафриканската република јас бев во храмот на Маланкарската црква и бев на прием кај Митрополитот од Коптската црква, каде ја видов искрената љубов, со која се однесуваат кон нас.“