На 4 февруари 2024 година, во 35. недела по Педесетница, во денот на празникот на Соборот на новомаченици и исповедници на Руската Црква, во катедралниот храм „Св. Александар Невски“ во Талин (Естонија) беше извршена хиротонијата на архимандритот Даниил (Лепик) за епископ Тартуски, викар на Талинската епархија.
Со богослужбата началствуваше Претстоителот на Естонската православна црква на Московската патријаршија митрополитот Талински и на цела Естонија Евгениј, во сослужение на митрополитот Виленски и Литовски Инокентиј, епископот Нарвски и Причудски Лазар, епископот Маардуски Сергиј (викар на Талинската епархија), епископот Тракајски Амвросиј (викар на Виленската епархија) и на клирици од Талинската и Нарвската епархија на Естонската Православна Црква на Московската Патријаршија.
На крајот од Литургијата, Претстоителот на Естонската православна црква му се обрати на новоназначениот епископ Тартуски со поучно слово и му го врачи архијерејскиот жезол, по што епископот Даниил им го даде на верниците својот прв архијерејски благослов.
Во нашата Црква, претходната архијерејска хиротонија на територијата на Естонија се одржа пред триесет и четири години, кога на Талинската катедра се искачи незаборавниот митрополит Корнилиј (Јакобс). Затоа денешниов ден, во вистинска смисла, е историски настан. Ќе се молиме за новоназначениот епископ Даниил, Господ да му дарува сили, моќен дух и да му ја дарува Неговата изобилна помош во носењето на архипастирскиот крст.
По завршувањето на богослужбата, митрополитот Евгениј ѝ се обрати на својата паства со утешно слово. Обраќајќи се кон верниците, Високопреосветениот владика ги повика да не паѓаат со духот, да се надеваат на Божјата Промисла и да помнат дека Господ не дава крст што е над нашите сили. Во време на искушенија важно е да не се забораваат зборовите на Спасителот: Со трпение спасувајте ги душите свои (Лк 21, 19), затоа што токму трпеливото поднесување на жалостите нѐ води кон спасение.