Aрхијерејот на Ерусалимската православна црква, архиепископот Севастиски Теодосиј, повика да се обрати внимание на притисоците и прогонот против Естонската православна црква на Московската патријаршија.
Изразувајќи надеж дека борбите во појасот Газа, во Украина и во другите земји во светот „ќе завршат преку дијалог и изнаоѓање начини за меѓусебно разбирање, а не со војна, чии жртви се мирни, невини цивили“, архиепископот Теодосиј нагласи: „Ние, исто така, сме против користењето на воениот конфликт како повод за прогон на канонската православна Црква во Украина, Естонија и во други земји“.
Владиката особено потсети дека во однос на Естонската православна црква на Московската патријаршија, која „има историско присуство во оваа земја“, притисоците „се вршат на најразлични начини“.
„Ги повикуваме властите на Естонија веднаш да престанат со овие прогони и неправедни дејства против Естонската православна црква, која не е учесник во политички или воен конфликт, туку, како и секоја православна Црква, е чинител на мирот, љубовта и единството“, вели архиепископот Севастиски Теодосиј.
Тој е убеден дека користењето на тековниот воен конфликт во Украина за прогон против православната Црква во неколку земји „е нечовечен и нецивилизиран акт“.
„Сметаме дека прогонот против која било православна Црква во светот е прогон против сета полнота на Црквата“, – истакна архипастирот, повикувајќи ги „сите христијански, духовни водачи и организации за човекови права да го насочат своето внимание кон сегашните прогонства против православната Црква во Естонија, кои се вршат под лажни изговори“.
Во соопштението се вели: „Во текот на деновите на Светата Пасха, ја изразуваме нашата поддршка за Естонската православна црква и ве уверуваме во нашите молитви, наши возљубени браќа, надевајќи се дека силата на доброто ќе ја победи силата на злото и силата на животот ќе ја победи силата на смртта. Затоа што, Оној чие воскресение го славиме денес, ни го даруваше животот којшто самиот по себе е Божествена благодат и Божји благослов. Затоа, бараме и се молиме да престанат сите војни во светот: во Газа, во Украина и на сите други места. Како христијани, ние не веруваме во силата на војната, насилството и убиствата, туку во силата на љубовта, милосрдието и човечкото единство. Наша заедничка должност сега е – да бидеме со православните цркви кои се прогонувани поради нивното духовно сродство со Московската патријаршија. И денес, кога Естонската православна црква е подложена на беспримерни прогони, сите ние мора да ги осудиме неправедните мерки против оваа сестринска Црква и да повикаме за нивен скорешен прекин“.