Света Евлалија од Андора

Протојереј Златко Ангелески

Црквата го слави нејзиниот спомен на 22 август, по јулијанскиот календар
(290-304; шпански: Eulalia de Barcelona;
каталонски: Santa Eulalia de Barcelona)

Светата маченичка Евлалија, ко-заштитничката на прекрасниот град Барселона, маченички пострадала на 13-годишна возраст, за време на страшните гонења на христијаните, кои ги започнал римскиот император Диоклецијан. Иако млада, подобно на светите сестри Вера, Надеж и Љубов, таа во ниту еден момент не се почувствувала слаба по дух, иако немоќна по тело, па храбро и достоинствено ги претрпела сите ужасни маки на кои била подложена. Била ставена во буре со острици и во него тркалана по улица, но светата девојка ги издржала и тие маки и не се откажала од својот возљубен Христос. Во нејзина чест, а во спомен на ужасните маки кои ги претрпела, и ден-денес улицата е именувана според нејзиното име: „Спуштањето на света Евлалија“ (Baixada de Santa Eulalia).

Откако мачителите не успеале да го скршат нејзиниот бодар дух и да ја принудат да се откаже од Христос, му наредиле на немилосрдниот џелат да ѝ ја отсече главата. И во тој момент се случило, чудо. Кога џелатот замавнал и ѝ ја отсекол главата, гулаб излетал од нејзиниот врат. По нејзината смрт, нејзиното свето тело се наоѓало во црквата посветена на света Марија на песочните брегови (Santa Maria de les Arenes), која денес е преименувана во „Света Марија на морето“ (Santa Maria del Mar). Во 713 година, за време на маварските инвазии, телото било скриено, а во 878 година, повторно било вратено. Во 1339 година било преместено во алабастрен саркофаг и положено во подземната гробница во катедралата посветена во нејзина чест. Света Евлалија денес е ко-заштитничка на градот Барселона, заштитничка на морнарите, а особено молитвено е повикувана за време на сушни периоди. Во Барселона има и посебен фестивал во нејзина чест. Култот кон света Евлалија во Андора е раширен веднаш по нејзината смрт, а во Андора има и неколку цркви во нејзина чест. Споменот на оваа светителка, Православната Црква го слави на 22 август според јулијанскиот календар.