Преподобен Отец Шио Мгвимски

Протојереј Златко Ангелески

Преподобниот Шио (Симеон) Мгвимски е роден во Антиохија Сириска. Неговите родители биле христијани и својот син го воспитувале како вистински наследник. Младото момче стекнало одлично образование и го изучил Светото Писмо. Љубовта кон Словото Божјо толку длабоко се вгнездила во срцето на младиот Шио, така што тој постојано во својот ум ги имал евангелските зборови, а со себе секогаш го носел Светото Евангелие. Иако млад, тој поседувал Божја дарба правилно да го толкува Светото Писмо.

Откако слушнал за светиот подвижник Јован Зедазниски, Шио тајно го напуштил родителскиот дом и се упатил кон преподобниот. Свети Јован го вратил младото момче при родителите, претскажувајќи им дека и тие еден ден ќе станат монаси. И претскажувањето навистина за брзо се исполнило. Шио ги убедил остатокот од својот живот да го поминат во монаштво, а самиот тој, откако го разделил имотот по сиромашни и манастири, се населил при преподобниот Јован, кој во тоа време бил големо светило во Антиохија, па откако примил од него монашки потстриг, постанал негов ученик.

По 20 години подвижнички живот, преподобниот Шио, заедно со 12 други избрани ученици на свети Јован, заминал во Иверија (Грузија), за таму да го проповеда Божјото Слово.

Откако со успех ја завршил апостолската мисија, преподобниот посакал да живее отшелнички живот. Со благослов на Католикосот Евлалиј и на својот учител, Шио го започнал својот пат на запад од Мцхет, кон непреодните и пусти предели. Тука, во пустински услови, заштитен со голи карпи од човечките погледи, Шио се населил во една тесна пештера, која самиот ја исекол во една тешко достапна карпа, за да може да се скрие тука и да живее подвижнички. И за својот суров аскетски подвиг, Шио бил удостоен за чудесни виденија. Во карпата се појавил извор, од кој преподобниот ги задоволувал своите потреби за вода, а храна на чудесен начин му носел гулаб. Токму тој гулаб, по Божја промисла, им открил на луѓето каде живее големиот светилник, за да не свети под капак.

Некој Евагриј, кој бил прочуен жител во царскиот двор, вообичаено ловел по реката Кура, па го забележал гулабот како ја носи храната до пештерата. Така, одејќи по гулабот, тој стигнал до пештерата на преподобниот и го пронашол задлабочен во молитва. Евагриј бил толку поразен од средбата со преподобниот, па така восхитен, почнал да го моли прекрасниот отшелник да го земи под негово раководство за да се подвизува во пештерата, сецело предавајќи се на Бога.

Оттогаш за преподобниот се слушнало надалеку, па така, луѓето што живееле во близина, вчудовидени од неговите подвизи, почнале да се населуваат во негова близина и за брзо време се собрале 25 доброволни пустиножители. По Божјо откровение, било одредено место за градба на црква, па така ја подигнале скромната црква во чест на Свети Јован Крстител. Гласот за светиот подвижник се раширил уште надалеку, па местото на неговиот осаменички живот постанало манастир. Кога царот Парсман VI слушнал дека неговиот пријател Евагриј се населил во монашката пустина, почнал со благоговение да се однесува кон Шио и му подарил земја под манастирот, заветувајќи и поголема сума на пари за градба на нови цркви. Така, за соборна црква била изградена онаа во чест на Успението на Божјата Мајка, а втората по значење била во чест на Раѓањето на Свети Јован Крстител, каде што подоцна почивале и земните останки на преподобниот Шио. Сите цркви биле осветени од Католикосот Макариј. На таков начин, преподобниот основал манастир во кој се подвизувале мноштво монаси и бил наречен Мгвимски манастир, а се наоѓал во близина наместото Тифлис. Еднаш манастирот бил посетен и од неговиот поранешен учител, преподобниот Јован Зедазниски, па откако пребивал тука три дни, со уверил во високиот степен на духовно совршенство на новите монаси.

Но, стремежот за целосна осаменост надвладеал во душата на Шио. Тој го напуштил основаниот манастир, се простил од браќата со поучно слово, им оставил во аманет 160 пишани душеспасителни поуки, па откако ја раскинал секоја врска со светот, се предал на затворенички живот во темната и длабока пештера. Тука преподобниот добивал храна со јаже. И кој може да ги достигне и да ги изброи неискажливите подвизи на овој ангел во човечко тело!? Откако во откровение му било кажано за смртниот час, преподобниот се причестил со Христовите Тајни и на 9 мај го завршил својот земен живот. Телото на светиот затвореник било погребано во манастирот, кој тој го основал. Неговите мошти и ден-денес се заштита на манастирот, кој е еден од ретките непострадани манастири среде големите пустоши во Грузија.

Православната црква неговиот спомен го слави на 9 мај (по стар стил), односно 22 мај (по нов стил).

Извор: https://blagovesti.wordpress.com/2016/03/05/преподобен-шио-мгвимски/