Свети Коломан, национален покровител на Австрија

Пишува: Протојереј Златко Ангелески

(?-1012; латински: Coloman; германски: Koloman-Heiliger)

Чиј спомен црквата го слави на 13 октомври

Житијните податоци за свети Коломан се премногу сиромашни, иако неговото житие било напишано 30 години по неговата смрт. Се претпоставува дека тој потекнува од шкотски кнежевски род, а бил убиен на 17 јули 1012 година, кога тргнал за Ерусалим, во близината на Штокерау (гратче во Долна Австрија). Во тоа време Австрија била поле за војна меѓу императорот Хенрих Светиот и полскиот кнез Болеслав Храбриот. Коломан, кој не го познавал германскиот јазик, паднал во рацете на една од завојуваните страни, бил обвинет за шпион и по тешките измачувања бил обесен на бозел, меѓу двајца разбојници. Според тогашните обичаи, телата на обвинетите разбојници не смеело да се погребуваат, па и по неколку месеци неговото тело останало нераспаднато. Чудата, кои биле поврзани со неговото тело, на крајот биле забележани од Црквата, па тој бил погребан со црковни почести во базиликата во Штокерау.

Во 1014 година, Хенрих I пројавил интерес за животот на свети Коломан, па тајно го отворил неговиот гроб. И повторно се случило чудо, зашто неговите мошти и понатаму биле нераспаднати. На 13 октомври 1014 година, Хенрих I повторно ги презакопал моштите во Мелк. Марк-грофот Фридрих II, откако добил инструкции од епископската катедра, организирал да се состави книга за страдањата на свети Коломан и уште повеќе го засилил неговиот култ во Австрија. Во 1244 година тој бил званично канонизиран за светител, а една црква посветена во негова чест, која потекнува од XIII век, и денес се наоѓа во местото Лаб-им-Валде.

По смртта на Фридрих II, унгарскиот крал ги зел светите мошти кај себе, но по извесен период повторно ги вратил во Мелк. Но, кога пристигнале во Мелк, сите забележале дека черепот го нема. Подоцна било утврдено дека, на чудесен начин, черепот без долниот дел од устата се наоѓа во градот Секешфехерваре, а долниот дел од устата исчезнал без трага. Сепак, во 1752 година и долниот дел од устата бил пронајден.

Во 1362 година, Рудолф IV, херцогот на Австрија, над гробницата во Мелк изградил велелепна надградба, а во виенската црква на Свети Стефан била поставена уште една реликвија – таканаречениот Коломанов камен (Kolomanistein), врз кој со бронзени букви е испишана пофалба за светителот. Најверојатно, Рудолф IV планирал да ги пренесе светите мошти во Виена, но до тоа не дошло. Последен пат светите мошти биле отворени при реконструкцијата на замокот во Мелк.

Свети Коломан е единствен признат заштитник на Австрија од 1244 година. Оваа одлука била променета во 1663 година, кога првенството му било предадено на Леополд (римокатолички светител починат во 1136 година). Свети Коломан и денес е заштитник на гратчето Штокерау, на Мелк и манастирот во Мелк. Во иконографијата се насликува како поклоник со врвки во рацете. Православната Црква неговиот спомен го слави на 13 октомври според Јулијанскиот календар.