Свети Жери Бриселски

Спомен на светиот отец Жери Бриселски, епископот на Камбре и Арас,основачот на престолниот град Брисел,чиј спомен црквата го слави на 11 август

(околу 550 – 626; Saint Gaugericus; француски: Gery, Gorik, Gau; валонски: Djeri)

Свети Жери[1] е роден во местото Епосиј (Eposium, Yvois), од римски родители – Гаудентиј и Австадиола, околу 550 година. Според преданието, тој се смета за основоположник на Белгиската престолнина – Брисел. Уште како младо момче бил забележан дека пројавува вистинско христијанско достоинство во своите размислувања, па од Трирскиот епископ Магнерик, кој бил восхитен од неговата вера, бил предложен до кралот Хилдеберт II за епископ на градовите Камбре[2] и Арас. Оттогаш свети Жери пред себе поставил само една цел – ширење на Благата вест на територијата на денешна современа Белгија. За епископ на Камбре и Арес бил ракоположен од Едигиј, архиепископот на Рејмс. Раководејќи со оваа катедра, свети Жери поминувал цели месеци во патешествија, борејќи се против паганските обичаи меѓу локалното население, а во исто време основајќи цркви и манастири и во најзапустените делови на Белгија. Една од велелепните цркви, која е изградена по негова иницијатива и заслуга, е црквата „Свети Медард“ во Камбре. Еднаш, пребивајќи на островот Свином, меѓу двата краци на реката Сена, тој положил камен-темелник на еден мал параклис. Со тек на време, параклисот е пренаменет во поголема црква, а околу неа се населиле луѓе. Полека, ова островче добило своја привлечност, па така, херцогот Лотје таму ја изградил и својата резиденција. Всушност, ова било почетокот на издигнувањеуо на велелепниот град Брисел. Подоцна, овој остров е преименуван со неговото име, а така се вика и до денешен ден.

Свети Жери бил почитуван во кралскиот двор не само од кралот Хилдеберт II, туку и од кралското семејство на неговиот наследник Клотаир II. Како високо интелектуална личност и евангелски наобразован маж, бил удостоен да учествува на Соборот во Париз, во 614 година.

Свети Жери Бриселски блажено се упокоил во 626 година и бил погребан во црквата „Свети Медард“ во Камбре. Тој е прогласен за заштитник на градовите Камбре, Брисел и Браин-ле-Комте.

Споменот на свети Жери Бриселски, Православната Црква го слави на 11 август според Јулијанскиот календар.


[1] Жери (најверојатно, од латинскиот збор gaudeo) = весел, радосен.

[2] Камбре (француски: Cambrai; фламански: Kamerijk) е град во Франција и истоимена општина, со местоположба во департамендот Норд и регионот Па-де-Кале. Градот е прочуен со старата црква, започната со градба во 1150 и довршена во 1472 година. Во тоа време била наречена „чудо на Холанѓаните“. Црквата во целост била урната за време на Револуцијата. За време на Конкордатот, архиепископот Камбрески Белма ја прогласил црквата „Свети Сепулхриј“ за соборна и тука ја пренел иконата на Мајката Божја „Милостива“ (Notre Dame de Grace). Старата црква повторно била изградена и ѝ бил вратен стариот сјај. Црквата посветена на „Свети Жери“, која претходно била манастирска црква посветена на „Свети Обер“, е една од најстарите цркви во Камбре, кога на тоа место се наоѓала римската населба Камаракум. Според преданието, во V век таа го носела името на Свети апостол Петар. Свети Дагоберт II подоцна таму формирал манастир. Градот денес има околу 40.000 жители.