Митрополитот на Китира и на Антикитира Серафим објави дека во епархијата нема да им се дозволува причест на пратениците, кои гласаа за законот за истополови „бракови“ во Грција

Од неделата на митарот и фарисејот, па сѐ до Велика Сабота, во литургискиот живот на Црквата започнува да се употребува богослужбената книга, која се нарекува Триод. По повод почетокот на овој период, Митрополитот на Китира и на Антикитира Серафим секоја година испраќа пастирско послание до свештенството и до народот на епархијата. Во годинешново послание, тој се осврна на изгласувањето на законот за истополови „бракови“ во Грција.

На почетокот од посланието, Митрополитот Серафим накратко го објаснува овој период од животот на Црквата:

„Благословен и мирен е светиот период на свештениот Триод, носејќи благодат и добри плодови. Благодатта и бескрајната милост на нашиот Господ Бог ги упати нашите чекори кон влегување во (периодот) на свештениот Триод. Тоа е период од 70 дена, кој се дели на три потпериоди: 1. Подготвителен, од неделата на митарот и на фарисејот до сирната недела; 2. Свештениот и умилителен период на светата и велика Четириесетница, од Чист понеделник до петокот пред Лазарева сабота; 3. Светата и Велика седмица, од Велики понеделник до Велика Сабота, кој претставува Светиња на светите на целиот тој свештен период на црковниот Триод.“

Ова е период на особено и интензивно покајание, со цел да се удостоиме да го празнуваме празникот на празниците – Христовото Воскресение. „Неодамнешните настани, што се случија во грчкиот парламент при гласањето на нацрт-законот за хомосексуалците, бараат реки од солзи на покајание и на скрушеност поради тоа што се пренебрегнаа Божјиот закон, а и човечкиот – уставен закон, со донесувањето на противбожната и противуставна одлука“ – истакнува Митрополитот Серафим.

Во продолжение тој наведува цитати од свети Јован Златоуст, кои ја нагласуваат ползата од покајните солзи во текот на нашиот живот. А, во вториот дел од посланието, Митрополитот се осврнува на современото богоотптадништво:

„Навистина е достојна за солзи и, без претерување, достојна е за плачење и за ридање нашава современа епоха. Не е виновна епохата, туку луѓето, кои живеат во неа, односно нивното отпадништво и оддалечување од Божјата волја, од Божјиот закон и од Божјите заповеди… Плаче, рида и воздивнува христољубивиот народ поради извршеното светотатство (сквернавење на светињата) на нашево време. Се прави мобилизација и регрутација на политичките сили (освен некои светли исклучоци), кои за ‘знаме’ ги имаат човечките права, принципот на еднаквост, заштитата на децата, слободата и нивните права. Царуваат „правата“, но без да стане збор за обврски… Поради правата на хомосексуалните „парови“ се искривуваат и се игнорираат божествените закони на природата, кои премудро ги определил и ги положил Божествениот Создател на сѐ…“

Во врска со нацрт-законот, свештеничкото собрание на Митрополијата на Китира и на Антикитира неодамна донесе резолуција, во која се објаснува проблемот и се изразува ставот на Црквата. Таа резолуција им беше испратена на пратениците, кои се од Првата Префектура на Пиреја и на островите, во која спаѓаат и островите Китира и Антикитира.

„Должен сум да им соопштам на господата пратеници од нашата Префектура, освен на еден, дека со ваквото нивно позиционирање најдлабоко го натажија и го соблазнија благочестивиот народ од нашите острови Китира и Антикитира. Сѐ додека не изразат практично и вистинско покајание за она што, за несреќа, се случи, нашата помесна Црква нема да ги кани на официјалните празнични манифестации (во организација) на нашата епархија и ќе ги лиши од Света причест доколку пристапат и го побараат тоа на други богослужбени собранија… Прашањето за одлачување од Црквата, за кое се дискутира, не е само локално, туку е општо-грчко (ја засега цела Грција), и спаѓа во компетенција на Светиот архијерејски собор на Црквата на Грција, кој треба да го разгледа истото“ – нагласи Митрополитот Серафим.

Во завршниот дел од посланието, Митрополитот Серафим потенцира дека ни „се потребни покајанието на Ниневјаните, солзите на пророкот Давид и плачот на пророкот Јеремија.“

Извор: https://www.imkythiron.gr/index.php/o-mitropolitis/poimantorikes-egkyklioi/6198-poimantoriki-egkyklios-ierou-triodiou-235-2024