Одбележана славата на призренската богословија

На 24 мај 2024 година, на празникот на светите Кирил и Методиј, во Соборниот храм „Св. Георгиј“ во Призрен  беше свечено прославена славата на призренската богословија.

На Литургијата началствуваше Буеносајрескиот и Јужно-централноамерикански епископ и администратор на Загребачко-Љубљанската митрополија Кирил, во сослужение на Рашко-Призренскиот епископ Теодосиј, на голем број свештенство и на верен народ.

Епископот Кирил, во беседата, истакна дека призренската богословија повеќе од еден век ја сведочи тајната на воскресението на овие простори.

„Нашата призренска богословија, посветена на светите браќа Кирил и Методиј, ја носи силата на воскресението. Таа повеќе од век и половина, на овие простори, ја сведочи тајната на светото воскресение. Имало и издигнувања и падови во нејзината работа поради воените околности, но најдолгиот прекин во работата таа го имаше по немилите настани од 2004 година. Тогаш, според сведоштвото на нашиот владика Теодосиј, таа е до темел запалена, а исто така и овој храм, кој беше до темел разурнат“ – нагласи Епископот Кирил.

Во име на неговата епархија, тој на епископот Теодосиј му врачи орден на светите Петар и Павле, во знак на благодарност за подршката, што Рашко-призренската епархија ѝ ја пружа на Јужно-централноамериканската епархија (на Српската православна црква).

„Во време кога многумина во овој свет се трудат, на секој начин, да нѐ понизат нас, нашиот народ и нашата Црква, кога многумина се трудат да исчезнеме, како народ, од овие свети простори и кога многумина се трудат и вложуваат големи напори да покажат дека православните Срби не се Божји народ, ние со својата вера, со своите дела и со својот живот сведочиме кои сме и што сме. Сведочиме дека имаме Божја љубов во себе, љубов за своите ближни, но и за сите народи на овој свет, бидејќи Го имаме Христа Распнатиот и Воскреснатиот во себе. А Господ, всушност, ни ја дава таа моќ, таа љубов, таа сила да можеме да бидеме вакви какви што сме“ – истакна Епископот Теодосиј.

На крајот од Литургијата беа осветени славските дарови, по повод славата на Богословијата „Св. Кирил и Методиј“, во присуство на учениците и на професорите, како и на броен верен народ. По Литургијата, свештенството и верниците прошетаа низ центарот на Призрен до зградата на Богословијата. Таму се одржа свечена академија, на која учениците се претставија со богата програма. Заменик ректорот на богословијата, јеромонах Исидор, истакна дека таа е место кое ги образува идните значајни луѓе, но и дека ги учи да ја одржуваат традицијата, која ова училиште ја чува.

Извор: https://eparhija-prizren.com/sr/vesti/slava-bogoslovije-sv-kirila-i-metodija-u-prizrenuu/