Будимпештански и Унгарски митрополит Иларион (Алфеев): Новите решенија на Католичката црква им противречат на основните христијански етички норми

Будимпештанскиот и Унгарски митрополит (од Руската православна црква) Иларион (Алфеев), во интервју за РИА, се осврна на работата на библиско-богословската комисија на Руската православна црква, чиј претседател е тој. Неодамна, комисијата ја разгледа новата декларација на Католичката црква „Fiducia supplicans“, со која се дозволува благословување на истополови бракови (за што веќе известивме). Според Митрополитот Иларион, Руската православна црква се зафатила со разгледување на овој документ, затоа што таа е во дијалог со Католичката црква и постојат заемни контакти. „Ние сметавме дека е наша должност да одреагираме на една таква новина“ – истакнува Митрополитот.

Во врска со ова прашање, тој понатаму вели:

„Декларацијата „Fiducia supplicans“, несомнено, предизвика мошне негативна реакција кај нашата комисија. Ние бевме едногласни дека тој документ одразува сериозно отстапување од христијанските етички норми. Вие кажавте дека, на некој начин, благословувањето би можело да се извршува последователно (поединечно), но, всушност, во документот такво нешто нема. Во документот се зборува токму за благословување на парови. Покрај тоа, се спомнуваат две категории на парови. Во едната категорија спаѓаат паровите, кои се наоѓаат во таканаречена нерегулирана состојба. Тоа се маж и жена, кои живеат во невенчан брак или во граѓански (брачен) сојуз. Такви ситуации во Католичката црква има мошне многу, затоа што бракоразводниот процес е многу сложен, па да се добие развод во Црквата е тешко, речиси невозможно. А другата категорија на лица, за кои се зборува во документот, се истополовите парови. И за едните и за другите се применуваат истите критериуми. За истополовите парови се зборува како за луѓе, кои имаат потреба од благослов на Црквата заради исцеление и подигање. Значи, тие можат да бидат благословувани како парови, а не секој од нив поединечно. Да, во декларацијата, повеќекратно и во разни форми, се изразува загриженост овие благословувања да не добијат обреден карактер, туку да бидат од спонтан карактер и да не напомнуваат на венчавање. Поради таа загриженост се предлагаат разни конкретни препораки, односно на кој начин тие благословувања да се направат различни од венчавањето. Во текстот се тврди дека останува неизменливо учењето на Црквата за бракот како сојуз помеѓу маж и жена, отворен за раѓање деца. Меѓутоа, истовремено, таа практика на благословување на истополови парови, според нашето мислење, влегува во радикална спротивставеност со христијанското етичко учење.“

Во продолжение на интервјуто, Митрополитот Иларион објаснува подетално:

„На пример, во документот ништо не се зборува за (светата) тајна исповед. Ништо не се зборува за покајанието или за борбата со гревот. Значи, согласно овој документ, пастирската помош, која им се укажува на лицата што се наоѓаат во нерегулирана состојба или во истополов соживот, воопшто не претпоставува дека, на пример, свештеникот би им кажал на тие луѓе за гревовноста на нивниот начин на живот. Тоа особено се однесува на истополовите бракови. И, генерално, во овој документ зборот ’грев’ се спомнува неколку пати, но исклучиво во контекст на мислата дека човечките гревови не можат да ја надминат Божјата љубов, и дека Божјата благодат дејствува и покрај нашите гревови. Не се предлага ниту покајание, ниту промена на начинот на живот за оние луѓе кои, токму како парови, доаѓаат за благослов… Сето тоа се сфаќа како мошне опасен сигнал и како отстапка на раководството на Католичката црква кон оние либерални кругови, кои се трудат да го наметнат својот дневен ред.“

Оваа декларација предизвика реакции кај римокатолиците во светот. Не сите се изјаснија позитивно, туку сме сведоци и на директни спротивставувања. Во врска со тоа, Митрополитот Иларион изјави:

„Декларацијата веќе предизвика мошне контроверзни реакции во католичкиот свет. Секако, неа ја одобрија и ѝ се израдуваа геј-активистите од различен вид, и претставници на сексуалните малцинства. А ете, на пример, локалните структури на Католичката црква, во некои случаи, отворено истапија против таа декларација. Епископската конференција на Унгарија донесе решение дека благословувањето на истополови парови е невозможно под какви било околности. Документот нема да се применува во животот во Унгарија. А, исто така е, на пример, во Нигерија, Казахстан и Белорусија. Мислам дека во африканските земји сигурно нема да се применува. Значи, тој документ веќе внесе сериозна поделба во самата Католичка црква.“

На прашањето какви реакции очекува од страна на католиците во врска со заклучоците од библиско-богословската комисија на Руската црква, Митрополитот Иларион одговара:

„Јас не би сакал да ја предвидам реакцијата, но ние си ја исполнивме нашата работа. Нашата комисија се нарекува библиско-богословска, и ние обрнавме внимание на фактот дека со Светото Писмо е невозможно да се оправда таа нова практика, затоа што Светото Писмо има апсолутно јасен став во однос на истополниот соживот. Ние обративме внимание на тоа дека, според нашето мислење, овие нови решенија на Католичката црква се во контрадикција со основните христијански етички норми. Ние го изодивме својот дел од патот. А мене ми е тешко да предвидам каква ќе биде понатамошната судбина на документот од комисијата, и дали тој ќе биде објавен и каква ќе биде реакцијата на него во Католичката црква. Меѓутоа, ние веќе гледаме каква е реакцијата на декларацијата („Fiducia supplicans“) во Католичката црква и во светот.“

Во вториот дел од интервјуто, Митрополитот Иларион се осврнува на прашањето, поврзано со неодамнешната одлука на Цариградската патријаршија да го врати во свештенички чин протојерејот Алексеј Умински (за што веќе известивме):

„Претходен проект на синодската библиско-богословска комисија беше подготовка на опширен документ за новата еклисиологија на Цариград, односно за новите појави во учењето за Црквата. Според нашето мислење, тие мошне сериозно отстапуваат од православното свештено предание и, всушност, претставуваат обид, на светско ниво, да ѝ се наметне на Православната Црква нов модел на управување, кој е сличен на оној што постои во Католичката црква. Нашиот документ се нарекува: ’Во врска со извртувањето на православното учење за Црквата во дејствијата на jерарсите на Цариградската патријаршија и во настапите на нејзините претставници’. Во тој документ ние покажуваме дека, низ вековите, православните, вклучувајќи ги и Цариградските патријарси, во полемиката со католиците го бранеле ставот дека помесните Православни Цркви се меѓусебно еднакви и дека не може да постои еден земен поглавар за целата Вселенска црква. Но, ете, конкретните дејствија што ги презема Цариградскиот Патријарх Вартоломеј, односно легализацијата на украинскиот раскол, ’враќањето во свештенички чин’ на оние кои, поради една или друга причина, го загубиле тој чин – претставуваат дејствија, кои произлегуваат од неговата нова доктрина. Впрочем, Цариград сега себеси се прогласува за врховна апелациска инстанца. Тоа значи дека некој клирик од некоја помесна Црква, незадоволен од одлуката на неговите црковни власти, сега може да се обрати до Цариград, а Цариград носи одлука според својата проценка. Уште повеќе, тој клирик може, територијално, да остане на истата позиција. Тоа се случи во Литванија, кога Цариград ’ги врати во чин’ свештенослужителите, кои го имаа загубено тој чин, па тие продолжуваат да се наоѓаат во Литванија. На нивна основа сега е создадена паралелна структура на Цариградската патријаршија во Литванија (за што веќе известивме), во ситуација кога таа земја е дел од канонската територија на Руската православна црква. Ние не намерававме, така да речеме, дека тој документ ќе ги вразуми jерарсите на Цариградската патријаршија. Меѓутоа, најнапред, ние бевме должни да го подготвиме тој документ за наша внатрешна употреба, па сите во Црквата да имаат јасна претстава поради што дојде до прекин (на црковното општење со Цариградската патријаршија). Не станува збор за никакви коинцидентни несогласувања, туку за принципиелни несогласувања. Цариград разработи една цела нова еклисиолошка доктрина, која доаѓа во контрадикција со свештеното предание на Православната Црква. Освен тоа, секако, ние сакавме нашиот документ да го прочитаат и во другите помесни Цркви, а особено во оние кои не се согласуваат со Цариград. И ние знаеме дека тој е прочитан со големо внимание.“

Во завршниот дел од интервјуто, Митрополитот Иларион се осврнува на ситуацијата во врска со реставрацијата и изградбата на духовно – културните објекти на Руската православна црква во Унгарија: катедралниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ во Будимпешта, и храмовите во Мишкољц, Токај и Хевиз.

Извор: https://ria.ru/20240229/ilarion-1930145202.html