Добротворна изложба за градење на нов храм, во Народното собрание на Бугарија

Во мермерното фоаје на Народното собрание на Бугарија, на 3 април оваа година беше отворена изложба посветена на православниот храм „Св. Патријарх Ефтимиј Трновски“, кој се гради во населбата „Љулин“, во Софија. Изложбата содржи 23 документарни паноа кои ги следат етапите на изградбата и коишто говорат за помагањето на иницијативата од страна на духовници и мирјани.

Според планот, храмот ќе биде најголемиот изграден во Бугарија од 1989 година до сега. Настанот беше организиран по иницијатива на здружението „За национално и духовно издигање – Свети Патријарх Ефтимиј Трновски“.

Изложбата е своевиден повик за поддршка на доградбата на храмот. „Тоа е еден храм кој е во изградба, а во кој веќе се служи. Со Бога – напред!“ – кажа на водосветот при отворањето на изложбата архимандритот Василиј, протосингел на Софиската митрополија. Градоначалникот на општината Љулин изрази надеж дека храмот ќе биде завршен во најкраток рок.

Заменик претседателот на парламентарната Комисија за буџет и финансии Венко Сабрутев соопшти дека на своето заседание, Министерскиот совет ја одобрил сумата од 300.000 лева за доизградба на храмот. Тој истакна дека државата треба да се вклучи во повеќе слични богоугодни иницијативи.

Проектот на храмот е дело на тим од 13 архитекти, а камен-темелникот беше поставен во почетокот на 2022 година, од Белоградчишкиот епископ Поликарп, викар на Софискиот митрополит.

Храмот е на површина од 1.836 м2, и ќе биде на три ката. Камбанаријата висока повеќе од 29 м, а кубето – 26 м. Во основите на храмот се положени три камена: од Споменикот на слободата на врвот Шипка, од Света гора, и од старата престолнина на Бугарија – Трновград.

Извор: https://dveri.bg/component/com_content/Itemid,100723/catid,14/id,73214/view,article/