Соборот на танзаниските архијереи со барање до државата за признавање на Православната црква

Со благослов од Неговото Блаженство Патријархот Александриски и на цела Африка, г.г. Теодор, на 2 април 2024 година, архијереите на Танзанија се состанаа на заедничка средба во Додома, административната престолнина на државата. На средбата претседаваше Високопреосвештениот Митрополит Иринуполски г. Димитриј, а учествуваа двајцата викарни Епископи на Танзанија, г. Агатоник од Аруша и г. Хрисостом од Букомба, заедно со свештениците Клеопа Бачуба, Анастасиос Кијонга, Теодор Кајунги, од трите епархии, и адвокатите Јохана Мантир и Лилијан Џембрис.

Целта на средбата беше барањето до државата Танзанија за регистрација на Православната црква под името „Православна црква во Танзанија“. Има претходни признавања во 1954 и 1980 година, кога во Дар ес Салам постоеше само Иринуполската митрополија. Новото признавање кое се бара е моменталната состојба на Православната црква во Танзанија – една митрополија и две епархии, со можност за создавање нови епархии.

Секоја епархија има посебно признание од државата Танзанија, но сега сите тројца архијереи, кои се под Александриската патријаршија се обединети, барајќи признавање на Православната црква, за да може таа да биде претставена обединета и едногласна, присутна и активна на територијата на Танзанија. Статутот кој ќе биде доставен на одобрување веќе е прифатен од Александриската патријаршија.

Се разговараше за подобра комуникација помеѓу тројцата архијереи на Танзанија, нивната меѓусебна соработката и солидарноста. Беа дадени различни предлози, кои ќе се дообработуваат во иднина.

Исто така, архијереите на Танзанија ги разгледаа проблемите создадени со влегувањето на Руската егзархија во епархиите, и неодамнешната посета на рускиот епископ Константин.

„Единството на верата и заедништвото на Светиот Дух“, со меѓусебната почит и љубов што преовладуваа на средбата, создаваат најдобри услови за најдобар напредок и присуство на Православието во големата, гостопримлива и убава земја Танзанија.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/patriarxeia/patriarxio_aleksandrias/synaksi-arxiereon-tanzanias-me-aitima-pros-to-kratos-gia-anagnorisi-tis-orthodoksou-ekklisias/