Естонија има намера да ја прогласи Руската православна црква за терористичка организација

Храмот „Св. Александар Невски“ во Талин, фотографија: Георг Митенекер

Министерот за внатрешни работи на Естонија Лаури Лаенемец има намера да му предложи на естонскиот парламент да ја прогласи Московската патријаршија за терористичка организација.

„Според евиденцијата што ја имам како министер за внатрешни работи, јас немам друг избор, освен да му предложам на Рајгикогот (естонски парламент) да ја прогласи Московската патријаршија за терористичка, која во својата дејност го подржува тероризмот“ – изјави министерот Лаенемец.

Како последица на тоа, со одлука на судот, може да биде забранета дејноста на Московската патријаршија во Естонија. „Тоа нема да има влијание врз парохијаните, односно тоа не значи дека храмовите ќе бидат затворени, туку врските со Москва ќе бидат прекинати“ – додава министерот.

На 11 април, Естонската православна црква соопшти дека нема намера да ги прекинува канонските врски со Руската православна црква, бидејќи историски е поврзана со неа.

Претседателот на синодскиот оддел за комуникација со медиумите на Руската православна црква, Владимир Легојда, даде коментар на изјавата на естонскиот министер за внатрешни работи.

„Ми се чини дека изјавата на министерот за внатрешни работи на Естонија Лаури Лаенемец ја враќа Естонија во мрачните времиња на религиозни војни, на Вартоломејската ноќ и на ловот на вештерки. На секој здраворазумен човек му е очигледно дека Московската патријаршија не се занимава со терористичка дејност, а на територијата на Естонија делува Естонската православна црква, која, имајќи духовна поврзаност со верниците во Русија, безусловно е организација што ги почитува законите. Конкретната изјава е, едноставно, театар на апсурдот, во кој естонските политичари играат улоги, веројатно обидувајќи се да предизвикаат симпатии кај домаќинот на таа институција. Борбата со Руската црква и со руската култура стана своевиден ментален наркотик, со кој се обидуваат да го нахранат естонскиот избирач, за да заборави на реалните проблеми. Црквата и верата се повикани, во најсложените времиња, да градат мостови меѓу општествата и народите. И не е вина на луѓето од Црквата тоа што политичарите ги уриваат тие мостови“ – изјави Владимир Легојда на својот телегам канал.

Извор: https://rus.postimees.ee/7999394/edinstvennoe-reshenie-prekrashchenie-deyatelnosti-cerkvi-v-estonii-kto-protiv-a-kto-za-ideyu-mvd-priznat-rpc-terroristami , http://www.patriarchia.ru/db/text/6120051.html