Митрополитот на Патра г. Хризостом, од Црквата на Грција, се осврна на тоа како денес се окарактеризирани христијаните, заради тоа што одбиваат да го усвојат неморалот и „новата етика“ кој се промовира.
Во преполниот храм „Пантократор“, во Патра, се одржа вечерна богослужба на третата недела од Великиот пост, на која началствуваше Високопреосвештениот митрополит на Патра г. Хризостом.
Му сослужуваа викарниот епископ Кернички г. Хрисант, со молитвено учество на свештениците од градот Патра и многумина од околните места.
Во својата проповед, Неговото Високопреосвештенство се осврна на Тајната на Крстот. Тој зборуваше за Крстот Христов и на крстените во Негово име кои се борат за спасение, и се фокусираше на клеветата на туѓите и демонските сили, кои отсекогаш се против Господа и против христијаните.
„Господ беше наклеветен, дека самиот се направил Син Божји, дека го уништил празнувањето на саботата, дека рекол дека ќе го уништи ерусалимскиот храм и за три дена ќе го подигне… И за многу други работи е клеветен до денес од оние кои војуваат против Вистината. И христијаните, исто така, се клеветени како заостанати, како мрачни, како екстремни и уште за многу нешта, затоа што одбиваат да го прифатат патот на обожување на телото, беззаконието, неморалот, омаловажувањето на човекот, како создание по образ и подобие Божјо“ – рече тој.
Се осврна и на современата реалност во која мрачните и длабоки сили се борат против светото и преподобното, и верните и ги клеветат како заостанати, фанатични и екстремни, оние кои се борат за морал и етика и за неуништливите вонвременски вредности.
На крајот прочита делови од Посланието до Диогнит, каде што е прикажано кои се христијаните, како се однесуваат во светот и која е целта на нивниот живот.