Молитвен почеток на Светиот архијерејски собор на Српската православна црква

Фотографија: spc.rs

На 14 мај 2024 година, со света архијерејска Литургија во Спомен храмот „Св. Сава“ во Белград, започна светиот архијерејски собор на Српската православна црква. На Литургијата началствуваше Српскиот Патријарх Порфириј, во сослужение на повеќе архијереи.

На Литургијата беседеше Браничевскиот епископ Игнатиј. На крајот, на присутните им се обрати и Патријархот Порфириј. Тој, во беседата, меѓу другото истакна:

„Како што слушнавме во прекрасната беседа на владиката Игнатиј, сѐ има свој извор и свој почеток во светата Литургија, и сѐ се враќа кон неа. Таа е почеток и цел на нашиот живот. Така и ние, архијереите собрани од сите страни на светот тука, во заветниот храм на свети Сава, со света Литургија го започнавме Светиот архијерејски собор. Како што знаете, денешната света Литургија требаше да ја служиме во Пеќка Патријаршија. Меѓутоа, актуелните власти во Приштина не ни дозволија да влеземе во Пеќка Патријаршија. Тие ги затворија административната линија и вратите на Пеќка Патријаршија за нас. Но, ние знаеме дека како што сѐ се случува по Божја волја, така и ова не е без некаква смисла. Исто така знаеме, особено во овие денови, дека во Христа нема пораз, и дека Тој со Своето воскресение, покажувајќи љубов кон нас луѓето, кон Својата Црква, потврдил  и покажал дека во Него е секоја победа. Затоа сме сигурни дека вратите на Пеќка Патријаршија, порано или подоцна, по Божја промисла, ќе се отворат не само за нас, туку за секој човек, за сите луѓе на добра волја“.

По Литургијата, беше отслужен Призив на Светиот Дух за добар и благословен почеток на работата на Соборот. Работниот дел на Соборот започна во криптата на храмот „Св. Сава“. Според процедурата, заседанието започнува со усвојување на дневниот ред, сочинет од предметите, кои ги доставува Светиот архијерејски синод. Потоа, се продолжува со разгледување на извештаите за архипастирската дејност на сите епархиски архијереи, на централните црковни тела, органи и заводи. На крајот од заседанието ќе биде издадено соопштение за јавноста.

Извор: https://spc.rs/molitveni-pocetak-svetog-arhijerejskog-sabora-2/