На островот Ахил, во Мала Преспа (денешна Р. Грција) се наоѓаат остатоците од некогашниот величествен храм, посветен на свети Ахилиј Лариски. Според архитектонскиот стил, овој храм претставува базилика. Изграден е кон крајот на 10 век, по заслуга на царот Самоил. Тој, откако го освоил градот Лариса, ги пренел моштите на св. Ахилиј Лариски во новоподигнатиот храм, кој му е нему посветен.
На 15 мај се прославува споменот на свети Ахилиј. Во помесните Цркви, кои се раководат според јулијанскиот календар, 15 мај паѓа на 28 мај. Островот Ахил денес припаѓа на митрополијата на Флорина (Лерин), Преспа и Еордеја, односно е под јурисдикција на Црквата на Грција, која се раководи според таканаречениот нов календар. Затоа, таму, празникот на св. Ахилиј беше одбележан во среда, на 15 мај 2024 година.
На просторот од храмот, каде се наоѓаат остатоците, беше отслужена света Литургија, со која началствуваше Леринскиот митрополит Иринеј. На Литургијата беа присутни претставници на локалната власт и мноштво луѓе, пристигнати од околните места. Во беседата, Митрополитот Иринеј нагласи:
„Според старогрчката религија, во внатрешноста на храмовите живееле божествата. Затоа, верниците се собирале во просторот околу храмот, каде се наоѓал жртвеникот за принесување жртви и за извршување на службата. Меѓутоа, во христијанскиот храм човекот влегува внатре, бидејќи тој не претставува непристапно Божјо живеалиште, туку е пункт на средба на Бога со обожениот човек. Тој е пункт на средба на небото со земјата, каде верниците, како заедница, Му служат на Бога и, соединети, учествуваат во највозвишената тајна на божествената Евхаристија“.
Видео: https://www.youtube.com/watch?v=HlmAY5sVz04
Извор: https://imflorinas.gr/eorti-agiou-achilliou-prespes-florinas-2024/