Празникот на Благовештението на Пресвета Богородица е слава на манастирот Супрасл, најистакнатиот монашки центар во Полската православна црква.
Празникот во манастирот годинава го прославија неколку архијереи на Полската црква, на кои им се придружи и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Лавовски г. Филарет од Украинската православна црква. Сеноќното бдение за празникот го предводеа игуменот на манастирот, Преосвештениот Епископ Супраслки г. Андреј (викарен на Бјалисточко-Гдањската епархија) и украинскиот архијереј кој беше во посета.
Следното утро, водосвет и Божествена Литургија отслужија Епископот Андреј, Митрополитот Филарет и архијереите на Полската православна црква: Архиепископот на Бјалисток и Гдањск г. Јаков, и Архиепископот Бјелски г. Григориј.
По прочитаното Евангелие, беседеше митрополитот Филарет, истакнувајќи ја уникатната улога на Богородица, која стана нова Ева, преку чие смирение и целосна предаденост на Бога дојде спасението во светот.
По Литургијата, говореше Архиепископот Јаков, кој потсети дека пред точно 40 години беше поставен камен-темелникот за обнова на црквата „Благовештение“, која во 1944 година беше целосно урната.
Потоа говореше Архиепископот Григориј и ги пренесе поздравите на Неговото Блаженство Митрополитот Полски г.г. Сава, кој не можеше да присуствува на празникот. Тој, исто така, ја истакна духовната важност на манастирот Супрасл, додека игуменот Андреј се осврна на важноста на Богородица во животот на светата обител.
На крајот, Митрополит Филарет зборуваше за тешката ситуација со која се соочува денес Украинската православна црква, кога нејзините храмови биваат физички запленети. Тој им се заблагодари на сите за заедничката молитва и за помошта што Полската црква им ја укажува на украинските бегалци.