Изјава на манастирите во Грција во врска со изгласувањето во парламентот на законот за брак на истополови двојки

Игумените и игуманиите на повеќе манастири во Грција, вклучително и неколку од Света Гора, објавија соопштение во врска со новиоизгласаниот закон за брак и посвојување деца од истополови двојки. Во продолжение го пренесуваме во целост ова соопштение.

Со мошне голема жалост ние, игумените и игуманиите на манастирите во нашата татковина, ја преживеавме горчливата грешка на грчката Влада и на грчкиот Парламент.

На полноќ на 15 февруари 2024 година, во грчкиот Парламент се случи пад полош од падот на Константинопол: беше изгласан од мнозинство на крстени православни христијани ужасниот закон за правно признавање на неприродната заедница меѓу хомосексуалците како брак, со еднакви права, според законот, со традиционалниот православен христијански брак. Ова нелогично признавање ја враќа во нашата херојска и светородителна Татковина богомрската ерес на Николаитите. Дојдоа, за жал, властите до точка избезумено да бараат да се „ослободат“ од секој морален закон и бариера, презирајќи го Божјиот Закон, што кулминираше со легализацијата на гревот, што е дијаметрално спротивно на Неговата света волја.

Ги забораваат Божјите зборови кон епископот од Пергам, кои се запишани во светата книга Откровение. Таму јасно се изразува одвратноста која Бог ја има кон страшната ерес на Николаитите, којашто моралното застранување го сметала за нешто нормално и прифатливо за Бога, што кулминира со хомосексуалноста (Откр. 2, 14-16).

На сите им е позната осудата на Содом, што не остава простор за двоумење дека последиците од таквиот грев се смрт, пропаст и уништување. Немата и, истовремено, ужасна слика на Мртвото море непрестано низ вековите ги укорува оние кои хулат на Бога. Тоа е нелажно сведоштво за Неговата целосна одвратност кон овој грев и за последователното уништување и казнување на виновниците.

И покрај сите овие неоспорни вистини, избраните претставници на нашиот народ во Парламентот подадоа скверна рака (им завртеа грб) на вечните и неизменливи правила на православните вера, морал и антропологијата, и покрај познатото противење на огромното мнозинство грчки граѓани на срамниот предлог-закон.

Дали чувствуваат дека еден ден неизбежно ќе се појават пред Бога Судијата? Како тогаш ќе застанат пред страшниот Олтар, кога денес со таква дрскост го игнорираат и клеветат и Бога и народот? Забораваат ли дека „Бог не позволува да биде поруган“ (Гал. 6, 7)?

А ние, како крстени православни христијани, каков одговор ќе дадеме, кога дозволуваме да триумфира и да се легализира еден таков грев? Каков одговор ќе дадеме штом, иако како народ многупати во текот на историјата, многупати Бог ни бил добротвор, ние сепак не се креваме да го заштитиме Неговиот закон? Нашето допуштање или нашиот молк пред таквото беззаконо законодавство навистина нè прави соучесници.

Свети Јован Златоуст зачудено прашува: „Кога Божјите закони се презираат, тивкиот и молчаливиот, не ли е достоен за пеколот?“ Исто така, Василиј Велики објавува: „Кој молчи изгледа се согласува!“ А Свети Теодор Студит, исповедникот, изјавува: „Заповед Господова е да не молчиме во време кога е загрозена верата. Зборувај, зборувај и не замолкнувај… Затоа и јас, боејќи се од страшниот Суд, зборувам“ (PG 99, 1321).

Нашите славни предци низ времето мажествено се бореа за триптихот: Вера – Татковина – Семејство. Успеаја со многу жртви да ја направат нашата, од Бога чувана, Татковина почитувана и завидна. Ова што денес се случува кај нас, тие не сакаа ниту со зборови да го искажат, тоа беше „нечуено“.

Бидејќи се плашиме најпрвин да не Го нажалиме, или, пак, уште пострашно, да не Го навредиме нашиот Свет Троичен Бог со нашето молчење, изјавуваме дека:

Веќе не ги каниме на ниту еден настан на нашите свети манастири ниту пратениците кои не гласаа против неморалниот закон, ниту, пак, членовите на сегашната влада. Добро е, сè додека остануваат непокајани, да не доаѓаат во нашите манастири. Ако, пак, се надеваат да дојдат непоканети, сигурно нема да им биде укажана никаква чест, бидејќи отпаднаа од честа што им следува.

Нашата одлука ќе важи додека јавно и дејствително не го покажат своето покајание (за што се надеваме и се молиме), преземајќи ги соодветните дејствија за легално поништување на законот. „Оној кој што повреди, тој и да излекува“.

Оваа наша одлука е израз на човекољубие, љубов и почит кон нив, но и кон народот кој ги избрал да го претставуваат. Бидејќи јавно ги прекршија Законот и волјата на Бога и на народот, јавно се критикувани, судени и осудени.

На крајот, надевајќи се на милоста и долготрпеливоста на нашиот свет Троичен Бог, се молиме за нашата богоспасувана и скапоцена Татковина. Ги повикуваме сите совесни христијани да останат цврсти и непоколебливи во Апостолското и Светоотечкото Предание на нашата Црква.

Потписи:

Игумен на Светиот манастир Ксиропотам, Архимандритот Јосиф со братството

Игумен на Светиот манастир Дохијар, Архимандрит Амфилохиј со братството

Игумен на Светиот манастир Каракалу, Архимандрит Филотеј со братството

Игумен на Светиот манастир Филотеј, Архимандрит Никодим со братството

Игумен на Светиот манастир Констамониту, Архимандрит Харалампиј со братството

Игумен на Светиот манастир Успение Богородично Гиромериј, Теспротија, Архимандрит Методиј со братството

Игумен на манастирот Свето Преображение, Козани Архимандрит Стефан со братството

Игумен на манастирот Свето Преображение во Сохо, Лангада, Архимандрит Јоаникиј со братството

Игумен на Светиот манастир Рождество Богородично Калипетра, Верија, Архимандрит Палама со братството

Игумен на Светиот манастир Свети Никодим Агиорит, Лариса, Архимандрит Иринеј со братството

Игумен на Светиот манастир Свети Арсениј Кападокиски, Ормилија, Халкидики, Архимандрит Синесиј со братството

Игумен на Светиот манастир Свети Јован Рус, Пефкохори, Халкидики, Архимандрит Григориј со братството

Игумен на Светиот манастир Пантократор и Покров Богородичен од Мелисохори, Ореокастро, Архимандрит Антониј со братството

Игумен на Светиот манастир Света Троица, Гацеас, Волос, Архимандрит Григориј со братството

Игумен на Светиот манастир Свети Никодим Агиорит, Пеонија, Кукуш, Архимандрит Хризостом со братството

Игумен на Светиот манастир Богородица Макариотиса Домврина, Теба, Архимандрит Теодосиј со братството

Игумен на Светиот манастир Свети Георгиј, Лангада на Парос, Архимандрит Мелетиј со братството

Игумен на Светиот манастир Животоприемен извор, Логоварда, Парос, Архимандрит Никодим со братството

Игумен на Светиот манастир Свети Никола, Сијамада Каламбака, Архимандрит Макариј со братството

Игумен на Светиот манастир Свети Никола на Андрос, Архимандрит Доротеј со братството

Игуманија на Светиот манастир Богородица Миртидиотиса Тапсана од Парос, монахиња Макрина со сестринството

Настојателка на Светиот манастир на Чесниот Претеча, Пиргет, Лариса, метох на манастирот Свети Никодим, монахиња Христонимфи со сестринството

Игуманија на Светиот манастир Преображение Мутсиалис, Верија, монахиња Портаитса со сестринството

Игуманија на Светиот манастир Воведение Богородично, во Оса, Лагада, монахиња Галина со сестринството

Игуманија на Светиот манастир Свети Лаврентиј, Плиј, монахиња Маријам со сестринството

Игуманија на Светиот манастир „Богородица Достојно ест“, Ореокастро, монахиња Ефимија со сестринството

Игуманија на Светиот манастир Свети Георгиј, Анидрос, монахиња Јована со сестринството

Игуманија на Светиот манастир на Чесниот Крст, Мапс, Коринт, монахиња Иларија со сестринството

Игуманија на Светиот манастир на Света Троица во Воден, монахиња Порфирија со сестринството

Игуманија на Светиот манастир Свети Првомаченик Стефан, Переа, Солун, монахиња Агатија со сестринството

Игуманија на Светиот манастир Свети Стефан, Метеори, монахиња Хрисонимфи со сестринството

Игуманија на Светиот манастир Света Троица во Ливадија, Еласона, монахиња Теофанија со сестринството

Игуманија на манастирот Вознесение Господово, Серес, монахиња Анисија со сестринството

Игуманија на Светиот манастир Свети Мина, Драма, монахиња Агатангела со сестринството

Игуманија на Светиот манастир Свети Августин, Лерин, монахиња Синклитикија со сестринството

Извор: https://www.ekklisiaonline.gr/nea/dilosi-ieron-monon-ke-ieron-isychastirion-schetika-me-tin-psifisi-sti-vouli-tou-nomou-peri-gamou-omofylofilon/