Фотографија: spc.rs
Неговата Светост Српскиот Патријарх г.г. Порфириј денес во Патријаршиската резиденција во Белград го прими г. Џејмс О’Брајан, помошник секретар на Бирото за европски и евроазиски прашања на Државниот секретар на Соединетите Американски Држави и г. Кристофер Хил, амбасадор на Соединетите Американски Држави во Србија.
Истакнувајќи ја важноста од подобрување на односите на Србија со Соединетите Американски Држави во духот на пријателството што ги карактеризираше односите меѓу српскиот и американскиот народ во долг историски период, поглаварот на СПЦ ги информираше гостите за непроменливиот став на Српската православна црква дека Косово и Метохија се дел од Република Србија. Со оглед на овој факт, Патријархот го оцени како штетно вклучувањето на Косово и Метохија во Советот на Европа.
Разговарајќи за меѓунационалните и меѓудржавните односи во регионот, Неговата Светост изрази огромна загриженост и ја оцени како целосно штетна иницијативата за донесување на резолуцијата за Сребреница во Генералното собрание на Обединетите нации, притоа не доведувајќи го во прашање фактот дека сите оние кои имаат сторено какво било воено злосторство треба да бидат изведени пред лицето на правдата.
И покрај ваквите иницијативи, кои не носат ништо добро, туку ги ставаат народите кои со векови делеле ист животен простор пред нови искушенија и предизвици, СПЦ ќе продолжи неотстапно да повикува на љубов и разбирање, и да гради мир како на Косово и на Метохија, така и во Босна и Херцеговина, нагласи духовниот водач на православните Срби.
Извор: https://spc.rs/razgovor-patrijarha-porfirija-sa-americkim-zvanicnikom-obrajanom/