Беседа во петтата Недела од Великиот пост

Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Денес е петтата Недела од Великиот и спасоносен, богоугоден пост. Кога зборуваме за постот, секогаш ја имаме свеста дека постот е духовно-телесен. Постот не смееме да го сведуваме само на воздржувањето од храна, туку постот кај православниот христијанин треба да биде присутен постојано, во личното однесување до крајот на својот век. Православниот христијанин треба да ги запазува својата совест и своите дела од грешноста.

Перцепирањето на нашиот живот преку моралното однесување е клучното поимање за нас, православните, не само во постот, туку и кога тој ќе помине. Човекот треба постојано да го втемелува своето поимање преку основните постулати на православното учење, на теолошкото конципирање за општиот живот на човекот, за неговото однесување. Созерцувањето на животот треба да биде втемелено во љубовта Божја. Треба нашиот ментален напор да го насочиме кон Господа, кон Исуса Христа, за да можеме да го израмниме својот личен пат во животот, да го насочиме својот живот кон нашиот Господ Исус Христос. На овој начин, насочувајќи се кон Господа, ние ќе го здобиеме во своите души темелот на совршениот морал. Совршениот морал е нашиот Богочовек Исус Христос, кој нè возљуби толку многу сите нас, та се вочовечи, се отелотвори, проживеа со нас луѓето, нè подучуваше, страдаше за нас и беше убиен. Но, сето спомнато го направи по Своја волја поради Својата неизмерна љубов која ја има во Себе. Воскресна од мртвите и ја покажа Својата моќ, сила и власт, над смртта и над животот. Тој бесконечниот, непроменливиот, совршениот, нè возљуби, та со личниот пример на својата бесконечна љубов ни покажа како треба да живееме.

Ете, сега веќе спомнавме дека љубовта е пресудна за да бидеме насочени на добриот пат, кон добрата цел. Нашата цел е Господ. Нашата цел е да ја здобиеме Господовата прегратка, да ја здобиеме Божјата љубов. Тогаш кога ќе живееме со стремежот кон љубовта, тогаш ние сме на добриот пат кон вечноста. Постејќи само од храна, ако немаме молитва во себе, тогаш ние држиме само некаква диета. Постот од храната е едно од средствата кои ни помагаат телесно, но трезвеноумно да се насочуваме кон Господа, пазејќи се секогаш од грешниот живот. Живеејќи за Господа, предавајќи го својот живот на волјата Божја, свесно и постојано, ние ќе живееме морално. Секако надевајќи се, дека Господ ќе ја излее Својата милост и Својата благодат на нас, исполнувајќи нè со љубовта, за да станеме облагодатени садови на Божјата љубов, кои ќе ја даруваат таа Божја љубов кон сите луѓе. На овој начин ќе ја исполниме нашата цел.

Во периодот на благодатниот и прекрасен пост, ние треба да извршиме во себе ретроспекција и интроспекција во нашата свест, во нашите души, во нашата совест. Ретроспекција е кога ќе го анализираме својот претходен живот. Кога се сеќаваме на сите наши грешки од минатото и свесно сакаме да се поправиме. Преку покајанието, преку исповедта, ние Му докажуваме на Бога дека имаме желба и волја да го промениме својот живот. Интроспекцијата е исто така, тесно поврзана со претходната карактеристика на личната волја. Интроспекциски ние се самоанализираме, се набљудуваме и ги откриваме своите лични грешки. Самоукорувајќи се, преку самоанализата, ние се самокритикуваме во покајанието и ги поправаме своите дела и постапки. Потребна е нашата слободна волја да биде вклучена, за да му докажеме на Бога дека сакаме да бидеме по добри луѓе. Со Божјата помош сè е можно. Нема дело кое не е простиво. Нема грев кој не е опростив, преку искреното покајание. Милоста, пак, Божја е совршена и вечна. Господ е човекољубив и многумилостив, Кој ги возљубил своите созданија, затоа што ги создава со чиста и совршена љубов. Да ја исповедаме во себе Божјата сила преку љубовта која ја изразуваме околу себе. Навистина е совршена и бесконечна љубовта Божја која ги љуби сите свои созданија. Ете навистина е совршен нашиот Господ, совршен во неземната љубов која ја поседува во Себе како Свое Божјо лично својство.

Светата четириесетница е времето на духовни борби со своите лични страсти, нагони и желби. Ова е времето на духовно вежбање, на духовна самоанализа, преку покајанието, согледувајќи го својот живот низ смиреноумието. Светата Православна Црква ни укажува, преку учењето на светите отци, како да се трудиме. Црквата ни помага преку своите опитни искуства, нè советува, нè окуражува и охрабрува да не престанеме со својот богоугоден труд. Преку определените делови кои ги читаме од Светото Евангелие, Црквата нè упатува и нè насочува како треба да постапуваме. Преку толкувањата на Светото Евангелие, со помошта Божја, ја добиваме Божјата поука која е насочена кон нас.

Денес читавме во Светото Евангелие како Господ, одејќи на пат, разговара со своите ученици, со апостолите. Учениците го следат, одат зад Господа со чудење и со страв. Тоа нивно чудење се појавува после сите Божји чуда кој ги виделе и после сите поуки кои ги слушнале од Него. Тројцата, пак, ученици: Петар, Јаков и Јован, претходно биле свидетели на Божјото Преобразување, ја виделе Неговата слава, Неговата сила. После едно такво несфатливо чудо, тие биле во страв поради силата, моќта и Божјата слава. Одејќи зад Него, следејќи Го, треба толкувајќи да сфатиме дека и ние треба да Го следиме Бога Исуса Христа. Но, самостојното одење Христово напред, пред сите, го толкуваме на тој начин дека Тој по својата лична слободна волја оди кон Ерусалим, кон личното страдање и кон смртта. Тој им говори на учениците за тоа идно страдање кое ќе се случи.

Одејќи понатаму, Му пристапуваат Заведеевите синови, апостолите Јаков и Јован, и Го молат да им ја исполни желбата да седат оддесно и одлево до Него во славата и царството. Но, Господ ги укорува дека не знаат што бараат. Тие пак мислеле, согледувајќи ги работите преку овоземниот живот, дека Господ ита кон Ерусалим за да се зацари конечно во земното царство. Да стане Цар во ново царство кое Он со нив ќе го направи. Тие ги согледувале работите преку земското перцепирање, преку материјализмот. Но, не смееме да ги осудуваме учениците во нивната забуна, затоа што и ние често ги согледуваме работите преку материјализмот, преку земниот живот.

Кај учениците се појавила и завист и соперништво, но тоа се човечки слабости кои ги имаат сите луѓе, па преку овој дел на Светото Евангелие, поуката им се дава на сите луѓе. Преку толкувањето на Светото Евангелие, Светата Црква ни укажува на нашите недостатоци, а ние преку личната своја борба, преку покајанието, треба да се поправаме. Секако дека Господ ги укорува Своите ученици, дека не знаат што бараат, но преку нив нè укорува и нас. Ги подучува дека крштението и чашата која ќе ја испие Тој, ќе ја добијат и они, но да се седи поред Него во Неговата слава, е наменето за оние за кои е подготвено. Толкувајќи го ова, Господ нè подучува дека крштението секој ќе го добие, секој треба да биде член на Светата заедница Божја, на Светата Црква преку крштевањето, преку исповедањето на неговиот свет и непорочен живот. А чашата која ќе ја испие Тој е поразлична од крштевањето и ја означува спремноста на саможртвата. И чашата треба доброволно да се прифати. Чашата на горчината, чашата на страдањето. Христос доброволно ја прифаќа таа горка чаша, се жртвува. Оди на доброволна смрт. Страдањето ја подразбира одлучноста и храброста. А во славата Божја ќе седат оние кои ќе ја покажат својата пламена вера, својата одлучност во страдањето и во љубовта Божја. Тие кои ќе живеат, во прогонство, во страдања, во маки, тие кои ќе бидат унижувани и убивани поради Божјото име, тие ќе седат со Исуса Христа. Човекот свесно, слободно и храбро, сведочејќи ја Божјата наука, преку страдањето, ќе го наследи Божјото царство, и ќе седне поред Господа во Неговата слава. Светата Црква го темели своето постоење на мачеништвото. Во страдањето за името Божјо е фундаментот на верата во нашата Света заедница со Светиот Господ. Црквата секојдневно ја служи Светата Литургија на маченичките мошти, а на овој начин сведочејќи ја православната вера, православната теологија. Мачеништвото за Господа Исуса Христа е темелот на нашето спасение.

Укорувајќи ги Исус своите ученици, ги подучува дека треба да Го следат во Неговиот живот, но и да бидат смиреноумни, служејќи еден на друг во заедницата на љубовта. Не да посакуваат да бидат земни владетели, туку да бидат смирени меѓусебни слуги. Кој сака да биде прв меѓу луѓето, да биде слуга на сите, да ја покаже својата вера и љубов кон сите преку своето унижување поради љубовта кон Бога и кон сите други луѓе. Затоа што Исус Христос не дојде да господари со луѓето во светот, туку дојде да се унижи, да ни покаже дека и ние треба да поминеме преку катарза, преку прочистување со одлучност на нашата волја, да станеме достојни да ја наследиме Неговата слава.

Во петтата Недела од Великиот пост, воодушевено се сеќаваме и на Светата подвижница Марија Египетска. Таа жена претходно водеше грешен живот. Беше грешница која сите ја познаваа во тие краеви. Но, по својата пламена вера, оваа жена се уподоби со своите подвизи на големите и свети мажи на аскетизмот. Таа ја покажа својата одлучувачка волја да се покае, да го поправи својот живот со своите 17 години. Таа се населила осамено во палестинската пустина и живеела сокриена од човечките погледи 47 години. Господ знае какви маки проживеала осамено, скитајќи по пустината, мачејќи се во своето тело, но веселејќи се и радувајќи се што Му служи во покајание на својот Творец.

Во нејзиното житие, во нејзиниот спомен, имаме многу поуки. Една од тие е дека, еден свет подвижник Зосим, полека започнал да умислува дека е единствен жив подвижник и дека нема други такви подвижници како него. Борејќи се со своите горди помисли, ја имал и својата пламена молитва кон Господа. Нашиот Господ ја видел искрената борба на Светиот подвижник Зосим, и несакајќи овој човек да падне и да ја загуби својата добра битка – му помогнал. Господ не сака да пропадне ниту еден човек, па кога ќе ја забележи нашата искрена волја и борба, Тој му помага на човекот и го спасува. Ете така, Господ го праќа Својот Ангел да му соопшти на Зосим да оди наскоро во пустината и дека таму ќе го пронајде одговорот на своето прашање, дали е он единствениот подвижник во светот. Тој ја среќава светата подвижничка Марија Египетска. Таа му го прераскажува своето житие, кое пак подоцна, во својот манастир, Свети Зосим го запишува. Таа му говорела за својата пламена волја, за својата решителност да служи во телесните маки, за да се прочисти преку катарзата и да биде спасена. Му сведочела колку е милостив Господ и кон грешниците. Тогаш Свети Зосим сфатил дека не е сам на овој свет, дека Господ има Свои тајни угодници. Господ има Свои тајни садови на Божјата благодат насекаде и во секое време. Колку се големи и дивни делата Божја? Колку е неизмерно голема Божјата милост? Колку е неискажана љубовта Божја?

Да се молиме на нашиот Бог Исус Христос, да биде милостив и кон нас грешните. Ние, пак, да го анализираме нашиот живот преку покајанието, да ги согледаме нашите гревови, да Му се молиме на Господа да ни подари покајание, да ни подари смиреноумие, да не се гордееме пред другите. Да им служиме на луѓето како христови ученици. Да ни помогне Бог да имаме добар подвиг, добар труд, да нè затекне Господ во нашето трудољубие, за да нè прегрне. О, колку е Голема љубовта Божја, та нè возљубил нас грешните кои Го разочаруваме секојдневно со нашите помисли, постапки и дела. Но, по човекољубието Божјо, по милоста и љубовта Негова сите ние да станеме Негови возљубени чеда. Амин. Подари ни Господи.