Митрополитот Молдавски и Буковински Теофан (од Романската православна црква), заедно со мала група на свештенослужители и лаици од Романија беше во посета на Аруската и Централнотанзаниската епископија (на Александриската патријаршија).
Поврзаноста на овие две православни епархии е повеќегодишна, преку сестрата Ирина и останатите монахињи од Романија, кои повремено остваруваат посети во Танзанија и ги доживуваат радоста и тешкотиите на мисионерството.
За време на нивната официјална посета, Митрополитот Теофан, со придружниците, имаа можност да дојдат во контакт со различните сегменти на духовната и на хуманитарната дејност. Тие посетија училишта и разни села, каде што, покрај поучувањето во верата, беа поделени школски прибор и храна.
Исто така, беа извршени групни крштевања, а кулминација на посетата претставуваше отворањето и осветувањето на првиот конак во манастирот „Св. Архангел Михаил“ во Киндамали.
Во селото Масаи дојдоа во контакт со африканската степа. Таму тие се восхитија од љубовта на целокупното племе кон православието. Сите членови на племето, кои живеат во едно село ја имаат примено православната вера, под раководство на надлежниот архијереј Агатоник.
Гостите од Романија учествуваа на неделната Литургија во Мисионерскиот центар во Киндамали. Децата, кои прислужуваат таму, заедно со свештениците, се погрижија за украсување на храмот. А, милозвучните гласови на деца и на возрасни создаваа торжествена, но истовремено и умилителна, атмосфера, со нагласени африкански елементи.