На 10 јуни 2024 во утринските часови, по долгогодишно боедување, се упокои поранешниот Митрополит на Катерини Агатоникос. Знамињата на зградата на митрополијата, по храмовите и по манастирите се спуштени на пола копје. Камбаните, во 7:30 часот го објавија неговото упокојување.
Блаженоупокоениот митрополит Агатоникос е роден во 1937 година, во Егио (Грција). Богословски факултет има завршено на универзитетот во Атина. За време на студентските денови работел во книжарата „Зои“. Во 1960 е замонашен во манастирот „Варлаам“ на Метеори. Таму е ракоположен за ѓакон. Во 1964 година заминува во Гортинската и Мегалополска митрополија. Таму е ракоположен за презвитер и произведен во архимандритски чин.
Во 1968 година е назначен за професор во свештеничкото училиште на островот Тинос, а од 1971 до 1974 година е директор на училиштето. Во 1974 година е преместен во Атинската архиепископија, како свештенопроповедник и управник на Канцеларијата за младина и за свештенопроповедници. Едно време престојува и во Ирак, опслужувајќи ја тамошната грчка парохија.
Во 1985 година е избран за Митрополит на Катерини и на Платамонас. На таа позиција останува 28 години. Неговата архијерејска служба е мошне плодна, неуморно работејќи на нивата Господова. Особена грижа има покажано за чување и собирање на книги, основајќи и една библиотека. За време на неговата архијерејска служба, тој има ракоположено 100 клирици, има подигнато 27 нови, а има осветено 40 храмови.
Особена грижа, Митрополитот Агатоникос покажува за монаштвото во неговата епархија. Во негово време се заживеани стари и основани нови манастири. Впрочем, и тој лично, ревносно го негуваше монашкиот начин на живот. Тој беше познат по неговото смирение и по неговиот христоподобен начин на живот. За многумина тој претставуваше пример за христијанско, евангелско живеење.
Во 2013 година се пензионира поради здравствени причини. Во изминативе 11 години, тој со трпение и благодарност кон Бога го понесе крстот на телесната немоќ.
Нека му е вечен споменот на блаженоупокоениот Митрополит Агатоникос, и Господ Бог да го всели таму каде што почиваат праведниците!