Информативната служба на Српската православна црква соопшти дека, на 11 март 2024 година, во Москва се упокои во Господа Преосветениот епископ Моравички г. Антониј. Тој беше викарен епископ на Српскиот патријарх и старешина на Подворјето на Српската православна црква во Москва.
Епископот Антониј е роден на 23 јули 1970 година во Ваљево (Р. Србија). Во 1991 година завршува богословија во Крка (Р. Хрватска). Уште за време на школувањето, во 1989 година, е замонашен и ракоположен во ѓаконски чин. Во 1996 година дипломира на Московската духовна академија. Во 2000 година, Светиот архијерејски синод на Српската православна црква го поставува за професор во богословијата „Св. Петар Дабробосански“ во Фоча (Република Српска). Истата година предава и на Музичката академија на Универзитетот во Источно Сараево. Во 2002 година, на предлог од блаженоупокоениот Патријарх Српски Павле, е поставен за старешина на Подворјето на Српската православна црква во Москва. Истата година е произведен во архимандритски чин. Во 2006 година, Светиот архијерејски собор на Српската православна црква го избира за викарен епископ на Патријархот, со титула Моравички. Подоцна магистрира и докторира во Москва, а од 2003 предава на Рускиот православен институт „Св. Јован Богослов“ во Москва. На истиот институт, тој е и управник на Катедрата за литургиско богословие. Од 2018 до 2022 година е декан на философско-богословскиот факултет при Московскиот православен универзитет во Москва. Автор е и на неколку книги и монографии.
Нека му е вечен споменот на блаженоупокоениот епископ Антониј и Господ Бог нека го вброи меѓу праведниците во Царството Небесно!
Извор: https://spc.rs/usnuo-u-gospodu-episkop-moravicki-antonije-pantelic/