На 22 март 2024 година, со налог на министерот за образование, во Регистарот на институциите во системот на предучилишно и училишно образование е заведено приватното основно училиште „Митрополит Неофит Видински“ во Видин (Бугарија). Основањето на училиштето е заедничка иницијатива на Видинската света митрополија и на Фондацијата „Приватно основно училиште Митрополит Неофит Видински“. Училиштето ќе биде сместено во зградата на старото епархиско училиште во Видин.
За новата учебна 2024-2025 година, училиштето ќе објави прием за деца во четвртата предучилишна група и за ученици во прво одделение. Ова е првото приватно училиште во општина Видин. Основачите на училиштето (Митрополијата и Фондацијата) се стремат кон остварување на идеалот за модерно образование, кое ги соединува најдобрите современи достигнувања и практики со православната духовност, која е традиционална за бугарското училиште.
Целта е примената на државните образовни стандарди да се случува во средина, која ја цени човечката личност и која придонесува за воплотување на неминливите христијански добродетели (љубовта кон Бога и кон ближниот, заемното помагање и сочувствителност, трудољубието, мирољубието итн.) во животот на децата и на учениците.
Училиштето го носи името на знаменитиот Видински митрополит Неофит, кој бил епархиски архијереј во Видин од 1914 до 1971 година. Со негов благослов и под негово раководство, во 1934 година е основано првото општообразовно епархиско училиште.
Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/novo-uchilishte-otvarya-vrati-vav-vidin