Митрополит Серафим Пирејски: „Невозможно да се слави Велигден заедно со оние кои остануваат во ерес“

Митрополит Пирејски г. Серафим, фотографија: impenimerosi.gr

„Велигденскиот канон никогаш не може да се промени, бидејќи тоа претставува хула на Светиот Дух“, забележува Митрополитот Пирејски г. Серафим од Црквата на Грција, во соопштението од Пирејската Митрополија и додава дека „сослужувањето со признати еретици кои упорствуваат во ереста и злобата, како што се современите антихалкидонци, римокатолици и протестанти, канонски е невозможно“.

Оваа реакција излегува кратко време откако Цариградскиот Патријарх г.г. Вартоломеј изјави дека Православните треба да го прославуваат празникот на Христовото Воскресение заедно со Римокатолиците, и останатите христијански деноминации кои овој празник го слават според Грегоријанскиот календар (за што веќе известивме).

Митрополијата на Пиреја, на 15 април оваа година се огласи со соопштение под наслов: „За велигденскиот канон. Дали може да се промени?” во кое го изведува следниот заклучок: „Секое прекршување води кон трагични канонски последици, ја извитоперува православната самосвест и го фалсификува неизменливото откровение на Вечниот Бог преку Светите Апостоли, Богоносните Отци и Светите девет Вселенските собори, затоа што најголемата должност на сите, свештеници и мирјани, е бепрекорното држење на наследство на верата, така што на прашањето Господово: ’Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?’ (Лука 18, 8), да може да одговориме во вистина“.

Извор: https://www.impenimerosi.gr/ανακοινωθέντα-ι-μ-π/9377/ανακοινωθεν-ιερασ-μητροπολεωσ-πειρα/