Средба на Атинскиот Архиепископ Јероним и Цариградскиот Патријарх Вартоломеј во Атина

На 15 април 2024 година, Цариградскиот Патријарх Вартоломеј пристигна во Атина. Тој отпатува таму на покана од грчкиот премиер Мицотакис, со цел да учествува на меѓународната конференција за океаните „Our Ocean“, која ќе се одржи во домот на културата „Ставрос Ниархос“ во Атина.

Веднаш по пристигнувањето, Цариградскиот Патријарх Вартоломеј беше примен од Архиепископот Атински и на цела Грција Јероним, во зградата на Архиепископијата. Во текот на средбата, двајцата архијереи се осврнаа на прашања од заеднички интерес.

Цариградскиот Патријарх, заблагодарувајќи му на Атинскиот Архиепископ за топлиот пречек, нагласи:

„Му благодарам на премиерот г. Мицотакис, бидејќи со неговата покана да дојдам на утрешната конференција за океаните, ми даде прилика да ја остварам оваа моја нова посета на Атина и да ги имам сите овие радости да бидам до вас, да бидам со вас, Блаженејши“.

Архиепископот Јероним, посакувајќи му добродојде на Цариградскиот Патријарх во Архиепископијата, меѓу другото нагласи:

„Познати ви се нашата почит, нашата љубов и нашата желба, кога ќе се укажат прилики и можности, да се среќаваме. Секој од нас има многу да добие од средбата со вас: вашиот пример, вашите активности и битните прашања, како што е она што ќе ве окупира утре на конференцијата. Тоа е проблем што сѐ повеќе се зголемува, нѐ обеспокојува, па затоа сакаме да ве имаме до нас и да ни кажете многу полезни нешта.“

Во среда, на 17 април, Цариградскиот Патријарх Вартоломеј ќе присуствува на доделувањето на звањето „почесен професор“, што Атинскиот универзитет ќе му го додели на г. Власиј Фидас. Истиот ден, попладнето, Патријархот ќе има обраќање во филолошкото здружение „Парнасос“. Тој е почесен претседател на ова здружение.

Во четврток, на 18 април, во храмот „Св. Никола“, кој е под јурисдикција на Цариградската патријаршија, Патријархот ќе го произведе во Архонт на Великата Црква г. Никола Патерас. Истиот ден, попладнето, ќе се врати во Истанбул.

За време на неговото отсуство, за патријаршиски намесник е назначен Халкидонскиот митрополит Емануил.

Извор: https://www.romfea.gr/epikairotita-xronika/62728-oikoumenikos-patriarxis-evgnomono-ton-prothypourgo-k-mitsotaki , https://www.orthodoxianewsagency.gr/aytokefales_ekklisies/ekklisia_ellados/o-arxiepiskopos-ieronymos-ypodexthike-ton-oikoumeniko-patriarxi-vartholomaio/