Претстоителите на Руската и Српската православна црква ја предводеа Литургијата и опелото за Епископот Антониј Моравички во храмот на Христа Спасителот, во Москва

На 16 март 2024 година, во катедралниот храм на Христа Спасителот во Москва, Неговата Светост Патријарх Московски и цела Рус г.г. Кирил и Неговата Светост Патријархот Српски г.г. Порфириј ја предводеа Божествената Литургија и опелото за блаженоупокоениот Епископ Моравички г. Антониј, викар на Патријархот српски, претставник на Српскиот патријарх при Патријархот Московски и на цела Рус, настојател на храмот на Светите Апостоли Петар и Павле, во Москва (Подворје на Српската православна црква).

Епископот Моравички Антониј се упокои во Господа на 11 март годинава, во 54-та година од животот по тешко и долго боледување. До 15 март, телото на упокоениот владика беше во храмот на Светите Апостоли Петар и Павле, во Подворјето на Српската православна црква. Утрото на 16 март, телото на блаженопочинатиот беше донесено во катедралниот храм на Христа Спасителот и поставен во центарот на храмот. На скалите на солеата беа положени венци од Московскиот и од Српскиот Патријарх.

На Претстоителите им сослужуваа: Митрополитот Воскресенски г. Григориј, управител на Московската патријаршија, прв викар на Московскиот Патријархот за градот Москва; Митрополитот Волоколамски г. Антониј, претседател на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија; Митрополитот Казанско-татарстански г. Кирил; Архиепископот Одинцовски и Красногорски г. Тома, раководител на Административниот секретаријат на Московската патријаршија; Архиепископот Егориевски г. Матеј; Епископот Железногорски и на Лгов г. Пајсиј – од Руската православна црква, и епископите на Српската православна црква: Бачкиот г. Иринеј; Горнокарловачкиот г. Герасим; Ваљевскиот г. Исихиј; Ремезијанскиот г. Стефан; Јегарскиот г. Нектариј и Топличкиот г. Петар.

На заупокоената ектенија беа упатени двојни молитви: за упокоение на душата на новоупокоениот слуга Божји, Патријархот Бугарски Неофит и за новоупокоенит Епископ Моравички Антониј.

Проповедта за Епископот Антониј, во текот на Литугијата, ја одржа протојерејот Игор Јакимчук, заменик-претседател на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија.

Потоа, Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Рус г.г. Кирил и Неговата Светост Патријархот Српски г.г. Порфириј отслужија опело за епископот Антониј.

Пред почетокот на опелото, Рускиот Патријарх го изрече следното слово, во спомен на епископот Антониј:

„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Го испраќаме нашиот брат Антониј, кој во Москва им беше добро познат на сите оние кои редовно ги посетуваат црквите. Владиката служеше тука, претставувајќи ја Српската црква, се молеше со нас, и сите ние многу го сакавме и почитувавме.

Кога ги користиме зборовите „љубов“ и „да сакаме“, што сè не подразбираме под овие зборови. А, всушност, љубовта е тесно поврзана со тоа како го восприемаме човекот што го љубиме. Не може да сакате, а да немате доверба, не може да сакате, а да се сомневате во нешто, не може да сакате,  а да барате друга љубов. Оженетите добро знаат: ако се прекршат овие принципи на љубовта, бракот се распаѓа. И доколку зборуваме за христијанската љубов, за љубов еден кон друг, а во таа љубов го внесуваме нашиот грев, нашето недоразбирање, одредено сомневање, тогаш љубовта останува само на зборови, а на дело таа исчезнува.

Зошто го зборувам сето ова? Затоа што денес го испраќаме нашиот брат Антониј, кој беше достоен претставник на Српската православна црква, кој го поврза сиот својот живот со Русија, со Руската црква и кого навистина го сакавме. А зборувајќи за оваа љубов, би сакал да кажам и дека љубовта не може да биде еднострана: таквата љубов е секогаш несреќна и на крајот се разрушува. Но, љубовта кон покојникот беше навистина двонасочно движење. Тој ја сакаше Руската црква, го сакаше рускиот народ, а ние ја чувствувавме искреноста на оваа љубов и, се разбира, како одговор на тоа, и ние го сакавме, го почитувавме, го ценевме како достоен претставник на братската Српска црква.

Дури е тешко да се замисли дека тој повеќе не е физички со нас, овде на оваа земја. Но, тој, несомнено, денес е со нас и, се надевам, ќе остане во сеќавањето на црквата – барем додека е жива генерацијата што го познаваше драгиот владика.

На покојникот, за разлика од живите, ништо не му треба од нас – само нашето молитвено сеќавање за него. Ги повикувам сите кои се присутни тука денес – и свештенството и мирјаните – да го спомнуваат покојниот владика Антониј во своите молитви. И во молитви во домот, и во списокот на имиња што го предавате за време на богослужбите, вклучувајте го, заедно со имињата на вашите роднини и пријатели, името на епископот Антониј, кој го заслужи нашиот молитвен спомен со својата љубов кон Русија, кон Руската црква и со неговите извонредни дела, како на руско тло, така и во неговата родна Србија.

Преку молитвите на светите Божји угодници, кои засветлиле во Руската и во Српската црква, Господ да ја упокои во мир душата на Својот новопретставен слуга Антониј, нашиот брат, и да го зачува вечниот молитвен спомен за него во нашите срца. Амин“.

Службата беше извршена на црковнословенски и на српски јазик.

Според традицијата, Неговата Светост Патријархот Кирил прочита, и во рацете на покојникот остави писмо со разрешна молитва.

Епископот Антониј беше погребан во црквата на Светите првоврховни апостоли Петар и Павле во Москва, во Подворјето на Српската православна црква, каде што служеше 22 години.

Извор: http://www.patriarchia.ru/db/text/6112090.html