За употребата и злоупотребата на Светото Писмо

Пишува: Протопрезвитер Ивица Тородов

„Причината за секоја тешкотија, раскол (шизма) и поделби во Црквата
е непознавање (непрактикување) на Светото Писмо”
Свети Јован Златоуст

„Ние христијаните треба да пливаме во зборовите на Светото Писмо како што
рибата плива во вода. Таа е воздухот кој го дишеме, храната што ја јадеме.“
Свети Серафим Саровски

„Јас (Исус) како светлина дојдов во светот, така што никој, кој верува во Мене, да не остане во темнина. И ако некој ги чуе зборовите Мои, и не поверува, Јас нема да го судам, оти не дојдов да му судам на светот, туку светот да го спасам. Кој што се откажува од Мене и не ги прима зборовите Мои, има Кој да го суди: Словото што го кажав, тоа ќе го осуди во последниот ден. Зашто Јас Сам од Себе не зборувам; но Отецот, Кој Ме прати, Он Ми даде заповед што да кажам и што да зборувам. И знам дека заповедта Негова е живот вечен. А она што зборувам Јас, го зборувам така, како што Ми рече Отецот” (Јован, 12, 46 – 50).

„Зашто ние ви ја засведочивме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос не преку измислени приказни, туку откако станавме очевидци на Неговото величие. Зашто Тој прими чест и слава од Бога Отецот, кога од велелепната слава Му дојде ваков глас: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата воља”. И тој глас, што дојде од небото, ние го чувме, кога бевме со Него на светата гора. А освен тоа, ние имаме нешто уште поверно, а тоа е пророчкото слово; и добро правите што на него му обрнувате внимание, како на светило што свети на темно место, додека денот осамне и Деницата засвети во вашите срца. Знајте го прво тоа дека ниедно пророштво од Писмото не е сопствено кажување на пророкот. Оти никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале просветувани од Светиот Дух“ (2. Петрово, 1, 16 – 21).

Нема човек која сака да живее како христијанин, како ученик Христов, а да не се соочил со содржината на светите старозаветни и новозаветни книги, односно со содржината на Светото Писмо.

И тука настанува проблем! Содржината на Светото Писмо воопшто не е едноставна за разбирање. Многумина, кои сами започнале да го читаат Светото Писмо, се откажуваат од читање, а некако следствено на тоа и од посериозен христијански православен духовен живот. Некои продолжуваат со читање и со прочитаното го споредуваат животот на современата православна христијанска заедница и најчесто се разочаруваат. Таквите продолжуваат сами да го читаат Светото Писмо и преку неговата содржина, но и преку нивните лични толкувања и разбирања, започнуваат да бараат за нив некоја „совршена“ библиска заедница или се одлучуваат сами да си создадат нешто по свое, ама да наликува на библиската од нив разбрана „вистина“! И така започнуваат разни болни состојби, лични и заеднички трагедии, животни промашувања пропратени со манипулација, духовна нереалност и фанатична религиозна егоистична заслепеност.

Да, се случуваат такви нешта кога сами си го читаме Светото Писмо и си го толкуваме според личната духовна незрелост и според личните непознавања во однос на ОБЈЕКТИВНАТА ВИСТИНА за и од Светото Писмо!

Таа, ОБЈЕКТИВНАТА ВИСТИНА за Светото Писмо ни сведочи дека истото од секогаш не постоело такво, какво што денес можеме да го држиме во своите раце или да си го купиме од некоја книжарница или црква. Не, таа ОБЈЕКТИВНА ВИСТИНА ни сведочи дека Светото Писмо е всушност ЗБОРНИК на свети книги кои биле запишувани во периодот на Стариот Завет од претставниците на старозаветниот еврејски народ Божји (пророци, свештеници, кралеви…), а во почетниот период на Новиот Завет од апостолите и нивните најблиски ученици.

Всушност, скоро секоја света книга, како од Стариот, така и од Новиот Завет е плод на ОТКРОВЕНИЕ на конкретна вистина за спасение на човештовото од самиот наш небесен Творец, од нашиот небесен Отец.

Таа конкретна вистина им била откриена, односно, дадена, на конкретни од Бога избрани личности. Но тие личности не биле било кои – туку истите биле членови на од Бога формираните – старозаветниот (Израел) и новозаветниот (Црквата) народ Божји.

Исто така, вистината откриена од Бога не служела за лична употреба – туку таа преку пророците и апостолите била упатувана до членовите на СТАРОЗАВЕТНИОТ и НОВОЗАВЕТНИОТ народ Божји!

Од ова се закључува дека СЕКОЈ ЧЛЕН НА НАРОДОТ БОЖЈИ, односно, секој член на Црквата, треба да биде осведочен со вистината на Божјата порака! Всушност, одговорноста на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква пред Бога и пред секој нејзин член е да ја СВЕДОЧИ И ПРАКТИКУВА таа од БОГА ОТКРИЕНА СПАСИТЕЛНА ВИСТИНА!

Доколку некои претставници на Црквата, особено епископите и презвитерите, не одговорат одговорно на оваа одговорност тие го злоупотребуваат Светото Писмо со самото тоа што не ја сведочат ПОРАКАТА БОЖЈА запишана во него!

Затоа пораката на Светото Писмо, објаснета и практикувана од светите отци и учители на Црквата низ вековите, треба да ни биде темел, мерка и критериум на исповедањето и практикувањето на нашата православна/ правоверна христијанска вера!

Протопрезвитерот Томас Хопко за оваа вистина ни сведочи со овие зборови:

„Новиот Завет на Светото Писмо ни говори како да го читаме Стариот Завет од Светото Писмо. Тие говорат за истражување на Светото Писмо. Ни сведочат дека целото Свето Писмо е вдаховено од Бога. Потоа, кога започнав да ги проучувам црковните отци – изненадување! Секој од нив ни вели дека треба да се обидеме да воспоставиме однос со Светото Писмо, да го прочитаме, да го проголтаме! Дури го употребуваат изразот „да го соџвакаме“! Во латинската традиција тоа се вика „ruminatio verbum dei“, односно, соџвакување на словото Божјо.“

За Божјата порака да може да се предава на следните генерации до крајот на овој и ваков свет и век, како што напишав и погоре, истата била запишувана и како света книга била вбројувана во зборникот на дотогашните свети книги. Така, со текот на вековите се формирал ЗБОРНИКОТ на старозаветните свети книги. А по доаѓањето на Христос, по Неговата проповед на Евангелието, по Неговата откупителна жртва на крстот, по Неговото воскресение и вознесение и по испраќањето на Духот Свет и формирањето на Новозаветниот народ Божји – Црквата започнало да се запишува сето она што Исус го ОТКРИ и НАПРАВИ за спасението на сето човештво.

Значи, светите книги, како на Стариот, така и на Новиот Завет ни сведочат за еден огромен период од човековата историја. Затоа е неприфатливо, односно е сериозна злоупотреба на Светото Писмо по личен избор, а тоа е всушност значењето на зборот ерес (на елински: αἵρεσις; на македонски: избирам), да се формира лично толкување на содржината на Светото Писмо преку вадење од контекст, како содржински, така и историски цитати од разни свети книги и од сето тоа да се прави лично или секташко „христијанство“.

Всушност, сите секти се препознатливи по овој пристап. Сите тие велат дека нивната „вера“ е библиска, но штом започнете истата да ја осветлувате со ОБЈЕКТИВНАТА ВИСТИНА на Светото Писмо и историскиот контекст на ОТКРОВЕНИЕТО БОЖЈО тогаш веднаш се познаваат трагите на ереста / кривоверието и на лагата на оној кој непријателствува против Црквата, а тоа е сатаната! Затоа, опасна е злоупотребата кога некој ќе си купи или ќе добие Свето Писмо и од истото, вон контекст на ОТКРОВЕНИЕТО БОЖЈО и НАДВОР од историскиот тек на Новозаветниот народ Божји ќе си формира свое „христијанство“ или своја „црква“! Еве што самото Свето Писмо сведочи за овој тип на злоупотреба:

„Но вие, возљубени, спомнете си ги зборовите, што ги кажаа апостолите на нашиот Господ Исус Христос; оти тие ви зборуваа дека во последно време (пред второто Христово доаѓање) ќе се појават подигрувачи, кои ќе постапуваат според своите безбожнички желби. Тоа се луѓето што се одделуваат од единството на верата; тие се телесни – и немаат Дух. А вие, возљубени, изградувајќи се во пресветата ваша вера и молејќи се преку Светиот Дух, запазете се во љубовта Божја, очекувајќи милост од нашиот Господ, Исуса Христа, за вечен живот. И така разликувајќи ги, едни милувајте, а други со страв спасувајте, истргнувајќи ги од оган и изобличувајќи ги со страв, и гнасејќи се од облеката, испоганета од телото“ (Јуда, 1, 17 – 23).

————

„Бегај од човек еретик, откако еднаш и по вторпат го советуваш, знаејќи дека таков човек се изопачил, греши и дека се осудил сам себеси“ (Тит, 3, 10 – 11).

———–

„А во народот имаше и лажни пророци, како што и меѓу вас ќе има лажни учители, кои што ќе внесат погубни ереси и, откако се одречат од Господа, Кој ги откупил, ќе навлечат врз себеси брза погибел. И мнозина ќе појдат по нивните нечистотии, и поради нив патот на вистината ќе биде похулен. И, подбудувајќи ве од користољубивост, ќе ве привлекуваат со ласкави зборови; но нивното осудување е одамна готово, и нивната погибел не дреме“ (2. Петрово, 2, 1 – 3).

————

„Оти таквите се лажни апостоли, лукави работници, кои се преобразуваат во Христови апостоли. И не е за чудење: бидејќи самиот сатана се преобразува во ангел на светлината; та затоа не е голема работа, ако и слугите негови му се преобразуваат како слуги на правдата; но нивниот крај ќе им биде според делата нивни“ (2. Коринтјаните, 11, 13).

На самиот крај на овој текст за употребата и злоупотребата на Светото Писмо ќе ви препорачам непрестајна УПОТРЕБА на Светото Писмо, но само во заедништво со духовно искусни браќа и сестри од вашата локална Црква (парохија / црковна општина) и со раководство на духовен раководител. Светото Писмо првин треба да го читаме за да го РАЗБЕРЕМЕ, па потоа да го ЖИВЕЕМЕ, а на крај и да го СВЕДОЧИМЕ и ОБЈАСНУВАМЕ!