Човекот е икона Божја и свештеник на творбата

Пишува: Игумен Фотиј, манастир Св. Јоаким Осоговски

Човекот е последното Божјо создание во процесот на создавањето на светот. Како што читаме во Библијата, во првата глава на самиот почеток од Светото Писмо, Господ го создава светот постепено. Во првите пет дена Господ ја уредува земјата како место за живот, со почвата, водата, воздухот, светлината, растителниот свет и животинскиот свет, а во шестиот ден го создава првиот човек Адам. Адам е створен од земјата, по Божјата идеја на целокупниот креативен процес на неговото уметничко делување. Адам е створен како последно создание и како круна на целокупното создавање. Господ му го поклонува на Адам целокупниот свет со назначување дека треба да биде добар господар над него, што значи дека треба да се грижи со љубов за целокупниот свет кој му е даруван. Целата творба Господ ја ствара од небитие. Од ништо, од небитие, во вечноста, Господ ја создава материјата и целокупната материја на секаде е иста и сите створени творби се дел на истата материја, а тоа значи на земјата.

Господ кога го создал првиот човек, му вдахнал животна енергија и он постана жива душа и го нарекува првиот човек Адам, што значи „земјенко“ по преводот од хебрејскиот јазик на кого била напишана книгата Битие (Создавање). Човекот е од истата материја од која се сите созданија, по тоа следи дека по назначувањето кое му го дава Бог да биде добар господар на природата, човекот почитувајќи се себеси, ќе ја почитува и целата природа околу себе.

Човекот е створен по ликот и по подобието Божјо. Ова се најважните суштински одлики кои ги има човекот како дар Божји, а го немаат сите други живи созданија во природата. Зборот лик кој го користиме како карактеристика по која сме создадени се однесува на нашата сличност со самиот наш Творец Господ. Господ е вечен и постои во вечноста, без временски и совршен е. Неговата основна темелна суштинска особеност е Личноста. Условот на неговото суштинско постоење е неговата личност. Личноста има особеност да е слободна и разумна свест.  Личноста по дефиниција означува дека е разумно и свесно битие кое комуницира, кое има личносен однос со другите личности во слободата на взаемното љубовно почитување. Еден Господ кој има Три Личности подразбира дека помеѓу себе има личносен совршен љубовен однос, во совршенството на својата апсолутна природа во вечноста. Суштината која треба да ја разбереме е точно личноста која е слободна, вечна, нестворена и Апсолутна, а тоа е Нашиот Бог. Бог ни дарува и ние да бидеме личности, и ние да бидеме разумни створени битија кои ќе живееме во слободата, на меѓусебниот разумен однос со целата творба која ни ја подарува Господ. Следува дека слободата на личноста е главната алка која го поврзува лично човекот со Господ и со целата створена природа. Сега веќе можеме да продолжиме да објасниме и тоа дека човекот е икона Божја. Слободната наша искрена чиста поврзаност со нашиот Господ во љубовната совршена заедница во која треба да перцепираме е начинот на кој ја сведочиме иконата Божја во нас. Господ создавајќи го човекот, по Неговата идеја го наменува да биде негова икона во земниот живот. Човекот е створен за да живее во Рајот Божји, а за да го наследи тоа Божјо ветување треба да постане Икона Божја и пример во совршената заедница со Творецот. Колку повеќе човек се приближува до Творецот, толку повеќе он постанува чиста Божја икона. Божјата енергија која го осветува и оживотворува светот, осветувајќи го човекот ја остварува неракотворната икона Божја која ќе се просветли во личноста на човекот. Човекот во неговата слободна волја има право на избор, дали ќе биде во личен однос со Творецот или нема да ја прифати таа благосостојба. Призивот Божји е насочен кон слободната личност на човекот и човекот треба да се определи дали ќе го прифати тој Божји призив да постане Негова икона или ќе ја искористи својата лична слобода за вечно оддалечување од Творецот.

Од сето горе искажано толкување на суштинските карактеристики на личноста можеме да разбереме дека човекот е створен да биде пример Божји на земјата, да биде алката која го поврзува створениот свет со Неговиот Творец. Систематски пак следува дека човекот преку својата разумност ја претставува целокупнaта створена природа. Човекот е по идејата Божја свештеникот кој треба да го принесува светот со својата слободна волја и да го соединува со Господ. Човекот како свештеник на творението, светотаински, мистично ја принесува и својата природа, но и целокупната природа на олтарот Божји. Се што принесува човекот на Светата Литургија од природата е дар Божји. Ништо што човекот користи во природата не е негово, нити пак може да подари живот на останатата жива природа. Се што се принесува на олтарот постои поради Божјата волја. Човекот е свештеникот кој свесно љубејќи ја природата, слободно ја принесува истата во наднебесниот жртвеник на Божјата Апсолутна совршеност. Господ пак излевајќи ја својата благодат ја усовршува творбата и ја подготвува да живее вечно со Него преобразувајќи ја од не совршена во совршена природа која ќе живее вечно.

Целата идеја на создавањето на творбата е подготовка за доаѓањето и раѓањето Божјо во светот. Господ постанува човек. Природата е створена за да постои вечно, но да биде принесена на Божјиот олтар преку човекот. Господ Логосот Божји, Синот Божји, второто Лице на Светата Троица, постанува човек и го усовршува човекот, го обожува, го осветува и го принесува на наднебесниот Свој жртвеник. Господ постанува човек, а човекот постанува Бог и преку човекот целата природа се обожува за да живее вечно во славата Божја бескрајно.

Човекот е створен како личност да биде обожен преку очовечувањето Божјо по Неговата вечна идеја, за да постане Икона Божја и Првосвештеник кој ја принесува творбата на Божјиот олтар и ја усовршува во Божјата Личност на Исус Христос.


Лекции по веронаука